Филипче: Не е важно како се пресметува синдикалната кошничка кога нема пари во паричниците


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во однос на замрзнување на програмите на УСАИД од страна на новата американска администрација, смета дека САД треба да и останат партнер на земјава.

„Сметам дека одлуката за замрзнување на програмите на УСАИД може и не е дефинитивна. Ќе видиме како ќе се развива во следниот период поради тоа што новата адиминистрација на претседателот Доналд Трамп влегува во разговори и преговори, сакајќи да ги постигне ефектите во тоа што го најавува во однос на другите земји. Тоа е една сериозна помош која ние сме ја добивале прво како држава изминатиот период, влијаело и во намалување на дефицитот. Секако сметам дека САД треба да најдат форма доколку сакаат да ја променат и да останат партнер на земјава“, изјави Филипче.

Околу  потрошувачката кошничка, Филипче рече дека она што се случувало во претходните денови е само уште еден доказ дека владата апсолутно не е заинтересирана за стандардот на граѓаните и го остава на последно место.

-Немало никаква конструктивна дискусија за минималната плата за време на состанокот на Економско социјалниот совет. Се навлегува во некакви анализи, формирање некакви комисии кои сметам дека нема да дадат никаков резултат. Нема никаква врска на кој начин се пресметува синдикалната кошничка, кога луѓето одат во маркет и ги купат потребните продукт, едноставно нема доволно пари во паричниците, рече Филипче, додавајќи дека луѓето не можат да врзат крај со крај.

Според него, Владата мора да е свесна дека е апсолутно виновна затоа што стандардот на граѓаните постепено се намалува и обвини дека власта нема никаква стратегија ниту за минималната ниту за просечната плата, а цените апсолутно неконтролирано растат.