(ВИДЕО) Филипче најави можно таргетирано враќање на мерките


Министерот за здравство Венко Филипче потврди денес дека има голем број на заразени во земјата – 52, и четири починати.

Информациите од терен, според Филипче, зборуваат за генерално непочитување на мерките. Во Тетово не се почитува самоизолацијата и генерално има непочитување на сите мерки. Во Штип непочитување има на правилото на транспорт, при што еден конфекциски погон е затворен. Во автобусите се возат вработени од сите конфекции и не се почитува правилото за процент на пополнетост на возилото и носењето маски. Во една од конфекциите, според министерот ,има 17 заболени.

Исто така, здравствените работници се соочуваат со одбивање на соработка при епидемолошките анкети. Поголма концентрација на заразени има во четири скопски општини, Скопје, Чаир, Гази Баба, Бутел и Аеродром. Министерот исто така извести дека граѓани со решение за самоизолација се шетаат надвор поради што е побарана поголема ажурност од МВР.

„Повторно ќе воведеме рестрикции, таргетирани. Ќе ги анализираме податоците во текот на викендот и врз основа на тоа ќе ги утврдиме мерките. Доколку треба повторно ќе ги воведеме“, рече Филипче.

Воведување полициски час според него не е веќе опција, туку евентуални карантински мерки по примерот на Дебар, кои би биле како крајна мерка, но откако ќе се анализираат податоците и од следните неколку дена – во текот на викендот и почетокот на следната недела. Според Филипче, оваа ситуација е една варијација која не би требало да биде тренд.

Процентот на заразени од тестирани во изминатите 14 дена, според статистиката, изнесува 5.5%, а тука се калкулираат и тестовите од скринингот.Капацитетот во болниците е пополнет 11% и со тоа здравствениот систем е во добра состојба, над 92% број на оздравени здравствени лица. Инциденцата е 10.3 %, трипати помала како пикот во април. 15 градови во кои беа регистрирани случаи, а сега веќе немаат ниту еден активен случај на корона вирус, а во 6 града има до 5 активни случаи.Зголемениот број на случаи најчесто се од познати кластери, но има и неколку нови во некои општини.

„Будно ја следиме ситуацијата и ако треба ќе воведеме такви мерки. Ги олабавивме рестриктивните мерки со задолжително почитување на дел од мерките. Одговорноста за враќање во нормала сега е кај секој граѓанин на нашата земја. Не можат здравствените работници сами да се справат. Мерките се јасни, не е тешко да се спроведуваат. Занемарувањето на присуството на вирусот е сериозен проблем. Колку побрзо го сфатиме ова, толку побрзо ќе излеземе од кризата и друг механизам нема“, рече Филипче.