Филипче најави можен недостиг од житарици, порача дека земјоделците се загрозени
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска го посети Криволак и разговараше со земјоделци, лозари и производители на житарици, констатирајќи дека ситуацијата е сериозно алармантна.
„Во оваа временска ситуација, кога растат цените на нафтата, земјоделците се соочуваат со сериозни предизвици за својата егзистенција и за семејствата кои ги издржуваат преку земјоделството. Постојат ризици од недостаток на одредени култури, особено житарици, што може да предизвика дополнителен раст на цената на лебот до крајот на годината“, изјави Филипче.
Тој посочи дека недоволното одржување на системите за наводнување, нечистите канали и неадекватната откупна политика создаваат тешкотии за земјоделците. „Ниска откупна цена, ниски субвенции и високи трошоци за работна сила, вода и ѓубрива – оваа ситуација треба да биде сериозен аларм“, рече Филипче.
Тој додаде дека недостасуваат и средства од ИПАРД-програмата, што дополнително ги оптоварува земјоделците, и најави дека СДСМ ќе предложи законски решенија за поддршка на земјоделците, како што беше направено и лани со зголемување на откупната цена на грозјето, но што власта тогаш го одби.
„Искрено се надевам, иако не верувам, дека од оваа власт ќе наидеме на разбирање и ќе се обезбеди помош за земјоделците“, заклучи Филипче.