Филипче: На почетокот на идната година ќе се заокружи тендерската постапка за изградба на новиот Клинички центар


Фото: Б. Грданоски

Се очекува на почетокот на идната година да заврши третата фаза односно да се закружи тендерската постапка за изградба на нов Клинички центар во општината Ѓорче Петров и да се почне со изградба на дел од локалната инфраструктура. Ова денеска за МИА го изјави министерот за здравство Венко Филипче.

– Во координација сме и со општина Ѓорче Петров, тие треба да направаат пристапни работи, струјата, водата, патот, значи сето тоа во таа смисла го гледаме како почеток на работи, рече Филипче.

Посочи дека во три фази е предвидена постапката на конкурентен дијалог, првата е евалуација која заврши, а две компании, германската „Vamed“ и француската „Bouygues construction“ се во втората фаза од процесот за избор на фирмата, што ќе го гради новиот Клинички центар во Ѓорче Петров.

– Значи сега сме пред почеток на втората фаза во која треба да започне дијалогот со нив врз основа на податоците што ги имаме и после завршување на дијалогот следи третата фаза, што е самата тендерска постапка, додаде Филипче.