Филипче: На Мицкоски му треба алиби за предвремени избори

Според Филипче во моментов Владата должи 200 милиони евра само за поврат на ДДВ


Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, денеска порача дека СДСМ е подготвен за избори кога и да се одржат, но нема да биде алиби за предвремени избори на Христијан Мицкоски, на кого му се потребни избори затоа што власта нема резултати, а државата е заглавена.

„Кажавме дека нема да бидеме алиби за предвремени избори на премиерот Христијан Мицкоски. Очигледно е дека единствениот параметар којшто него го тера да бара избори е тоа што повеќе нема пари во буџетот за неговите криминални тендери”, рече Филипче.

Тој посочи дека власта нема резултати во ниту една клучна област и дека последиците од лошото управување директно ги чувствуваат и граѓаните и компаниите.

„Нема ниту еден резултат. Нема никакви резултати во економијата, во образованието, во земјоделството, во социјалата. Едноставно сè во државата е застанато. Луѓето немаат пари. Огромни се долговите кон компаниите. Близу 200 милиони евра се должи за поврат на ДДВ”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ додаде дека компаниите се соочуваат со проблеми со ликвидноста, има отпуштања на работници, пад на странските инвестиции и на индустриското производство.

„Гледаме како е падот на странските инвестиции, има пад на индустриското производство. Еден тотален непрофесионален начин на водење на државата, комплетна незаинтересираност за било што добро за државата и за граѓаните”, рече Филипче.

Филипче потенцираше дека СДСМ е подготвена за изборите која и да се одржат, уште утре.

„Ние за избори сме спремни. Утре да се случуваат, за утре сме спремни за изборите и со тимот и со програмата, со Мастер планот за Македонија и Договорот со граѓаните којшто ќе го презентирам во текот на септември. За избори сме спремни кога и да бидат. Ама нема да бидеме алиби. Христијан Мицкоски има две третини во Собранието, апсолутна власт. Може да распише избори кога сака. Зошто му е СДСМ сега? Зошто му е? Не навлегуваме во таа игранка. Човекот ќе распише избори кога повеќе нема да има пари, а пари снемуваат сè повеќе и повеќе”, рече Филипче.

Тој најави дека Мастер планот ќе содржи шест јасно дефинирани точки за иднината на државата, зајакнувањето на системот и благосостојбата на граѓаните.

„Шест точки јасно, добро дефинирани, да знаат граѓаните за што ќе гласаат кога и да се случат следните избори”, додаде Филипче.
 
Околу можноста за обединување на опозицијата тој рече дека тоа ќе биде можно  само околу јасни проевропски политики и Фронтот за вистина и правда, повикувајќи ја Левица да се откаже од своите проруски политики и од Христијан Мицкоски.
 

„Гледаме дека и прокси партијата на Христијан Мицкоски, тоа е Левица, се согласува за избори и повикува на некакво обединување на опозицијата. Обединувањето може да биде само со и зад Социјалдемократскиот сојуз на Македонија”, рече Филипче.

Тој посочи дека СДСМ веќе го објави Фронтот за вистина и правда, чиј главен постулат е европската иднина на Македонија.

„Левица е партија којашто е проруска партија, којашто имаше јасен транспарент дека НАТО се убијци во Собранието и доколку ги сменат своите политики и се откажат од своите ментори и финансиери, мајка Русија и татко Христијан Мицкоски, и тие се добредојдени во Фронтот за вистина и правда”, истакна Филипче.

Претседателот на СДСМ порача дека за политичко обединување потребна е јасна определба на Левица за НАТО, за Европската Унија и иднината на државата.

„Нека се откажат, нека кажат дека НАТО е добро за земјата и дека се за Европската Унија. Затоа што Европа и проевропските политики, патот напред кон Европа, е тоа што е главен постулат на нашиот Фронт за вистина и правда”, рече Филипче.

Тој додаде дека СДСМ веќе разговара со политички партии, граѓански организации, поединци и интелектуалци за проширување на Фронтот за вистина и правда.