Филипче: Мерките се за да не се комплицира ситуацијата заради празниците


Фото: Б. Грданоски

Министерот за здравство Венко Филипче на денешната прес-конференција изјави дека мерките се неопходни за да не се случи уште едно оптеретување на здравствениот систем.

„Пикот беше на 31 март, 1, 2 април, сепак е голема бројката на позитивни и хоспитализирани пациенти и сметаме дека претстојните празници може дополнително да ја комплицираат епидемиолошката ситуација и во таа смисла не сакаме да дозволиме во продолжение на тој период да се случи оптоварување на здравствениот систем и затоа се преземени овие рестриктивни мерки за да стивне оваа состојба“, изјави министерот за здравство.

Вчера беа регистрирани уште 35 починати, како и нови 734 случаи на COVID-19 од направени 3.246 тестирања. Бројот на починати од почетокот на пандемијата достигна 3.940, а бројот на активни случаи изнесува 21.630.

Во ковид-центрите низ државата се лекуваат вкупно 1.720 пациенти, а од нив 699 се во Скопје, додека 1.021 во другите градови.