Филипче: Мерките на владата се задоцнети, граѓаните веќе ја плаќаат цената


Фото: Б. Грданоски

Мерките на владата се задоцнети и само дел од оние што СДСМ ги предложи уште пред 4 недели, се случи тоа за што предупредувавме, граѓаните веќе ја плаќаат цената, сè е поскапено, нагласи претседателот на СДСМ, Венко Филипче, во вечерашното интервју во емисијата „На Подиум“, на Ора24.тв.

Филипче посочи дека доколку владата навреме донесеше соодветни мерки какви што предложи СДСМ, сега немаше да има толкаво поскапување.

„Тоа на што укажувавме, дека мерките треба да се преземат и да се имплементираат навремено со цел да не дојде и да не се активира спиралата на покачување на останатите цени и останатите продукти, за жал, сега се случи. Требаше на почетокот на кризата, кога почна растот на цените на нафтата на светските берзи, да се имплементираат неколку мерки кои што вистински ќе дадеа ефект. Прво, ќе имаше намалување на цените на горивата или немаше да има толкаво зголемување и второ, немаше да поскапи храната. Сега сме во фаза кога можно е да поскапат и други продукти“, рече Филипче.

Во интервјуто, Филипче рече дека ваквите половични мерки граѓаните не ги чувствуваат и укажа дека и да заврши кризата, овие високи цени нема да се вратат назад.

„Кога веќе цените се поскапени, а сè е поскапено, цените нема да се вратат назад. Поскапе лебот за 5-10 проценти, зејтин, брашно, шеќер, сол, цените на зеленчукот и овошјето за 250 до 300 проценти, сè поскапе. Што ќе се врати од ова, ништо. Укажувавме дека треба порано да се започне со мерки“, рече Филипче.

Тој додаде дека мерките што ги предложи СДСМ за намалување на ДДВ-то на горивата на 5%, сведување на ДДВ-то на основните прехранбени производи од 5 на 0%, намалување на акцизата за нафтените деривати и горивата на 4 денари и преполовување на цените на патарините, е нешто што граѓаните навистина ќе го почувствуваат како олеснување во ова кризна состојба.

„Што се случи? Ништо не презема владата. Кажуваше примерот дека наводно сме имале најниски цени во регионот, што не е точно. Многу се слични цените на горивата кај нас со Хрватска и Словенија, каде што пак минималната плата, за разлика од минималната плата кај нас која е 400 евра, таму е 1.500 евра. Замислете каква споредба. Оваа влада ако е објективна, како што не е, ако е фер кон граѓаните како што не е, ако ја донесе цената на горивата да биде соодветна на минималната плата којашто не сака да ја покачи, тогаш треба цената да ја преполови“, рече Филипче.

Тој нагласи дека државата мора да води сметка за сите оние што се најпогодени од кризата.

„А имаме семејства со многу деца, имаме пензионери со ниски пензии во најниските категории, имаме луѓе коишто работат во делот на неофицијалното работење. Значи, има многу категории на коишто владата треба да мисли. Тие луѓе се на работ на егзистенцијата“, рече Филипче.

Претседателот на СДСМ додаде дека и земјоделците се во многу тешка положба поради катастрофалните политики на власта на Мицкоски.

“Тука ги ставаме и земјоделците, меѓутоа тие се една посебна тема поради тоа што се повеќе апели доаѓаат од земјоделци кои работат, поради тоа што немаат доволно субвенции, понатаму субвенциите им каснат. Скратени се парите од ИПАРД, поради тоа што Европа ја запре програмата, затоа што членови на владејачката партија ги фати како ги крадат парите. Енормно се зголемени трошоците за производство на земјоделски култури, од житарици, лозари, работна рака, вода, ѓубрива. Ѓубривата може дополнително да поскапат и да ги нема поради војната. Така што ни престои тешка година, многу кризна. Мислам дека оваа влада се однесува крајно неодговорно.“ рече Филипче.