Филипче: Мали се шансите да се заразам, но ќе работам од дома


Ниту една приватна болница нема инфективни одделенија и не третира пациенти со инфективни болести: Венко Филипче (Фото: Борис Грданоски)

Мали се шансите сите што вчера присуствувале на седницата на Кризниот штаб во Куманово да се заразиле со ковид-19, откако се потврди дека градоначалникот на Куманово, Максим Димитриевски е позитивен на корона вирус, тврди министерот за здравство Венко Филипче.

Тој вечерва во живо се вклучи од дома, преку видео-врска за да ја одржи редовната прес-конференција и рече дека деновиве ќе работи од дома.

-По анкетата спроведена од епидемиолозите констатиравме дека мали се шансите да се заразиме со корона вирус, сите кои присуствувавме вчера во Куманово, со оглед на тоа што носевме заштитни маски и ракавици, но овие денови ќе работам од дома – рече Филипче.

Тој вели дека не знаеле дека на дел од членовите на Кризниот штаб во Куманово им биле земени брисеви, да знаеле поинаку ќе се однесувале.

Зошто не биле информирани за тоа, Филипче упати да се прашаат членовите на Кризниот штаб. Појасни дека на состанокот била и директорката на болницата на Куманово, но таа не е дијагностицирана со ковид-19. Од денешните 44 позитивни на корона вирус во Куманово има и медицински работници.

Филипче најави дека Инфективното одделение во Куманово може да функционира и понатаму, а ако се покаже дека повеќе не е можно, сите пациенти, кои во моментов се 18, ќе бидат префрлени во Скопје.