Филипче: Македонија не е вилает на Мицкоски

Социјалдемократите денеска беа на митинзи во Дојран и Гевгелија и повикаа „доста е од лаги, доста е од ароганција, доста е од власт која се грижи само за себе“.
Од гевгелија лидерот на СДСМ, Венко Филипче, му порача на премиерот Христијан Мицкоски: „Македонија не е твој експеримент ниту твој вилает. Македонија е нашата татковина, наш дом и ние ќе се избориме за него“.
Според Филипче, владата наместо да му помогне на народот со конкретни мерки и политики за покачување на стандардот, за поголеми плати, функционира како ПР агенција на Мицкоски.
„Престанете да лажете и земете нешто направете. Државата, Владата не е пи-ар агенција на Мицкоски. На народот му е потребна помош. Економијата е во колапс. Индустријата опаѓа, малите бизниси се борат за опстанок, земјоделците се пред банкрот. Работниците немаат со што да го дочекаат крајот на месецот, а лекарите, наставниците, пензионерите, сите се оставени сами на себе“, рече Филипче.
Тој оцени дека единствената сила што може повторно да ја исправи државата е СДСМ.
„Ние, социјалдемократите не ги лажевме луѓето туку бевме секогаш тука за нив. И ние повторно сме тука. И повторно ќе ја исправиме државата. Македонија се буди, повторно ќе го вратиме чувството дека власта постои за луѓето, а не за партијата. СДСМ не е само партија, СДСМ е идеја, СДСМ е движење за општество во кое секој човек е важен. И таа идеја повторно се раѓа, во секоја улица, во секое маало, во секое срце што верува дека Македонија не смее да се предаде“, порача претседателот на СДСМ.