Филипче: Комисијата денеска ќе одлучува за нови рестриктивни мерки


Фото: Б. Грданоски

Денеска комисијата за заштита од заразни болести ќе дискутира за евентуално воведување на нови рестриктивни мерки за заштита од ширењето на Ковид-19, рече во одговор на новинарско прашање министерот за здравство, Венко Филипче.

„Тоа што би можело евентуално дополнително да се предложи е целосно затворање на некои економски оператори кои во овој момент функционираат и ограничување на движењето, дали во текот на попладневните или вечерните часови или за време на викенд, но според утринската координација што ја имавме сметаме дека ова не треба да се препорачува, но ја пратиме епидемиолошката ситуација и ако треба ќе носиме одлуки“, рече Филипче.

Пет болнички возила од АРМ се ставени на располагање на здравствените работници во борбата против пандемијата на корона вирусот. Филипче се заблагодари за оваа помош и додаде дека тоа е многу драгоцено во овие моменти.

„Притисокот врз здравствениот систем е огромен. Се зголеми капацитетот на болничките возила, но оваа помош е и тоа како драгоцена и важна. Ситуацијата е критична во нашата земја. Очекуваме резултати од мерките што се спроведени, но нема потреба од рестрикции. Иако сме подготвени и за такво нешто“, истакна Филипче.