Филипче: Колку индиции за заболени толку тестирања


Бројот на пациенти кои имаат индикација за тест значително опаѓа и со тоа опаѓа и бројот на направени тестови, одговори министерот Венко Филипче на тврдењата од ВМРО-ДПМНЕ дека намерно се намалува бројот на тестирањата за да има помалку заболени, а со тоа да има аргументи за побрзи избори. Според министерот, повикувајќи се на информациите од приватните лаборатории, барањата за тестирање се исто така намалени.

-Времето на чекање за тестирање е сведено на минимум, односно еден ден. Продолжуваме активно да тестираме согласно индикациите на сите пунктови и во сите лаборатории, но и будно да ја следиме состојбата се до целосно спласнување на епидемијата. Досега се направени 17.246 тестови, порача Филипче.

Во последните извештаи на Министерството за здравство можеше да се види дека бројката на тестирани пациенти во приватните клиники, а вчера и во Ветеринарниот институт беше – нула.Исто така, стапката на позитивни од тестираните за корона вирус веќе две недели е под 10 отсто, а во изминатото деноноќие падна на 2 отсто, што е најниско ниво досега. Така, од вкупно 249 тестирања, регистрирани беа само 5 позитивни случаи.

Инаку, рекорден број на тестирања – 728, министерот Венко Филипче објави на 25 април, по што тестирањата се преполовија. Од табелата за изведени тестирања во минатите 10 денови може да се забележи дека до 25- ти се изведувале од 408, па се до 728 тестови, а потоа тестирањата се преполовени и се движат помеѓу 386 и вчерашниот минимум од 199.

Оваа состојба речиси се совпаѓа со датумот кога е испратено писмо од Институтот за јавно здравје до центрите за јавно здравје во кое се бара да се примаат само оние кои исполнуваат алгоритам за тестирање. Според толкувањата на писмото, со него не се забранува тестирање туку се спречуваат злоупотреби, дотолку повеќе што не е почнат целосен скрининг на населението за да можеда бидат тестирани и оние кои не ги исполнуваат условите.

Во овој период сепак нагло се зголемува и бројот на излечени. На 26 април се регистрирани рекордни 126 оздравени, а во останатите денови бројот се движи меѓу 19 и 111. Вкупниот број на излечени последните десет денови е 580, а со оглед на тоа што се потребни минимум два негативни тестови за да се сметаат оздравени, за нив се потрошени најмалку 1.160 тестирања. Инаку, иако се знае дека се направени вкупно 17.246 тестирања,  не е јасно колку изнесува бројот на тестирани лица. (Н.Р.)