Филипче: Кога ситуацијата се стабилизира – попуштаат и мерките


Министерот за здравство Венко Филипче,  даде свое видување во однос на укинувањето на полицискиот час и општата здравствена состојба во Република Македонија.

Тој смета дека ситуацијата е под контрола и дека секојдневната појава на нови случаи со новозаболени не е страшна бидејќи се знаат кластерите, односно контактите на заболените.

– На почетокот ги имплементиравме рестриктивните мерки за да се спречи комуникацијата меѓу луѓето, да се спречи ширењето на вирусот. Тогашните анализи укажуваа дека кривата оди во нагорен правец. И сега кога се стабилизира ситуацијата попуштањето треба да оди со пакет на мерки со укинување на полициски час со отворање на угостителски објекти, рече министерот за здравство Венко Филипче во гостувањето на „Топ тема“.

-Се уште има активни случаи во Бугарија, Србија, Албанија и Грција. Во стабилна фаза на епидемијата сме. Многу од дијагностицирани се дел од веќе познати кластери што ни дава за право дека епидемијата е под контрола заедно со сите други капацитети, слободно болнички легла итн. Покажавме спремност, мора да се научиме да живееме со вирусот, се додека не се открие вакцината која не се очекува да биде до крајот на оваа година, порача Филипче.

За олабавување на мерките, дел од граѓаните ги почитуваат а дел не ги почитуваат, а тоа се овие превентивни носењето на маска, задолжително одржување на физичката дистанца. Секогаш кога разговаравме за мерките со комисијата за заразни болести тргнувавме од медицинската наука, што треба да се направи, да се имплементира, а со тоа да се спречи ширењето на вирусот. Во суштина е намалување на комуникацијата меѓу луѓето. Ова е пандемија за која никој во светот ниту се спремал ниту имал претстава како ќе изгледа и како треба да одговараат здравствените системи за овој сериозен предизвик, рече министерот за здравство Филипче.

Во моментов правиме координација на ниво на околните земји, во секојдневна комуникација сме со Албанија, Грција и Бугарија во однос на тоа како ќе се одвива отворањето на границите. Еден од предлозите е од следната недела да се отвори патувањето за членови на фамилија или од службен, економски интерес, во рамките на овие земји, а понатаму во периодот кој следи, по 15 јуни, границите и целосно да се отворат, изјави вечерва министерот за здравство Венко Филипче.

Во тек е, вели Филипче, дискусија за тоа дали е потребно да има тестирања на лицата кои ќе патуваат преку граница.

– Многу веројатно дека нема да се бараат тестови заради тоа што не претставуваат апсолутна гаранција или сигурност. Претставува некаква сигурност ако е во комбинација со домашната изолација или карантините. Но, имајќи предвид дека ако се отворат границите и голем број луѓе ќе почнат да патуваат и тоа нема да биде само меѓу луѓето во регионот и нема да бидат посети од една во друга земја, туку ќе има многу патници кои ќе транзитираат низ некоја земја, тоа ќе изгуби смисла, рече Филипче.

Во однос на изборите, Филипче вели дека во ниту еден момент тие не биле земени како предмет врз основа на кој се анализирале бројките или се правеле калкулации или се предложувале мерки.

– Впрочем и сега во ниту еден момент не беше побарано од Комисијата за заразни болести да каже дали треба или не треба да има избори, туку беше побаран стручен протокол како ако се одржат изборите тие треба да се спроведат и ние тоа го направивме, истакна министерот.

Тој вели дека многу од дијагностицирани се дел од веќе познати кластери што им дава за право да кажат дека епидемијата е под контрола. Додаде дека причина за нивно заболување е најчесто непочитување на мерките за дистанца и носење маска, особено при користење јавен превоз.