Филипче: Ќе се смени Законот за здравство за специјалистите да доаѓаат каде треба


Фото: Б. Грданоски

Во собраниска процедура е измената во Законот за здравствена заштита со која дозволуваме лекари да може да прават систем на ротации во институции во кои нема регистрирано дејност, што досега беше забрането, изјави министерот за здравство Венко Филипче при денешниот престој во прилепската градска болница „Борка Талески“ каде се донираше санитетско возило од турската агенција „Тика“.

Филипче ова го посочи во одговор на новинарско прашање зошто во прилепската болница не функционира одделението за Уво, нос и грло и зашто нема специјалисти.

-Доколку нема лекари од една специјалност во некоја болница или во здравствен дом, заради што таа дејност досега не можела да се извршува, сега лекарите од одредена специјалност од клиниките, ќе може да доаѓаат во одредени градови каде нема такви специјалисти, правејќи ја услугата достапна до пациентите. Наместо пациентите да патуваат во големите болници или во Скопје, сега експертите ќе доаѓаат каде е потребно. Очекуваме дека Собранието ќе го изгласа овој дел на промена на Законот за здравствена заштита, рече Филипче.

Тој категорично потврди дека досега нема пријавено изнуда или рекет во здравството.

-Немам таква информација досега. Таква поплака не стигнала до Министерството за здравство, ниту, пак, лично до мене, изјави Филипче.