Филипче: Кина понуди да донира 200 респиратори


Фото: Б. Грданоски

Кина понуди да донира 200 респираторни машини за македонското здравство, изјави министерот Венко Филипче во гостувањето во емисијата „Утрински брифинг“ на Слободна ТВ.

„Во моментов располагаме со околу 200 респираторни машини, а во рок од една недела ќе пристигнат уште стотина. Исто така Кина се понуди да донира 200“, рече Филипче, додавајќи дека вкупната бројка набрзо ќе достигне околу 500 машини.

„Но, покрај набавката на респиратори, потребно е да се обучат и луѓето кои ќе ракуваат со нив“, рече Филипче.

Претходно, министерот Филипче на прес конференција изјави дека јавното здравство во земјава располага со 120 респиратори, од кои 90 се во Скопје. Викендов и дел од приватните болници соопштија дека ставаат околу 70 респиратори во функција на мерките за спречуавње на ширење на корона вирусот. Филипче исто така рече дека се мобилизира и целиот медицински персонал, како од јавните здравствени установи, така и од приватните и се става на располагање во случај на потреба.