Филипче ја осуди изјавата на бугарскиот министер за македонскиот премиер

Лидерот на опозициската СДСМ, Венко Филипче, на денешната прес-конференција ја осуди изјавата на бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, кој го нарече Мицкоски „северномакедонски“ премиер, истакнувајќи дека такви изјави не се во духот на демократијата и добрососедството. „Ја осудувам изјавата, затоа што сметам дека не е во духот на демократските вредности, не е во духот на цивилизациските вредности, ако сакате. Не може ниту еден политичар од Бугарија да ги навредува нашите институции“, рече Филипче.
Тој потсети дека вакви провокации не се новост и дека македонската дипломатија има искуство и капацитет да се справи со нив. „Многу пати наназад, во изминатите години и децении од нашата самостојност, сме се сретнувале со такви ситуации – луѓе кои не негирале, луѓе кои нѐ провоцирале – и тоа трае уште од деведесеттите години наваму, и тука до израз доаѓа умешноста на дипломатијата“, додаде тој.
Филипче го спомена примерот од деведесеттите, кога тогашниот премиер Бранко Црвенковски беше потценуван од меѓународни претставници, но одговорот бил работа и трпение. „Еве ќе се вратам во деведесеттите години – да потсетам, во времето на тогашниот премиер Бранко Црвенковски, претседателот на Социјалистичката интернационала, Пјер Мороа му кажал: ‘Не може секое племе на Балканот да има држава.’ Но, тука не треба да се нервира човек, туку треба да се работи. Ние сега сме држава, членка на НАТО“, рече Филипче.