Филипче во клинч со Пендаровски: Немаше поддршка од претседателот за вакцините. Шефот на државата вели – тоа не е точно


Министерот за здравство во брзата реакција на изјавата на шефот на државата рече дека „сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза“

 

Министерот за здравство, Венко Филипче реагираше на изјавата на претседателот Стево Пендаровски, дека сликите кои ги гледавме изминатиот викенд кога многу граѓани отидоа во соседна Србија беа срам за нашата држава. 

„Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во услови на криза. Покрај нашите граѓани се вакцинираа и граѓани на соседните земји, но ниеден претседател не рече дека е тоа срам за неговата земја. Владата прави максимални напори да обезбеди вакцини, а вакцинацијата започнува веќе од утре. Претседателот на државата како институција исто така би требало да игра значајна улога во сите овие процеси на набавки. За жал, конкретна поддршка од Пендаровски изостана“, напиша Филипче на Фејсбук.

Претседателот Пендаровски по седницата на Советот за безбедност посветена на состојбата со пандемијата и процесот на имунизација во земјава, критички зборуваше за проблемите со кои што се соочуваат граѓаните кои се заболени од КОВИД-19 и наоѓаето болнички кревети, како и обезбедувањето вакцини и за процесот на вакцинациjа. Тој побара да нема застој во вакцинацијата, а доколку работите не се подобрат, ќе посочи и личности кои за тоа се одговорни.

„Сликите кои ги гледавме изминатиот викенд кога многу граѓани отидоа во соседна Србија да се вакцинираат едноставно не смеат да се повторат“, рече Пендаровски. 

„Благодарност до Србија се разбира, но тоа беше срам за нашата држава. Едноставно, државата мора да најде начин своите граѓани да ги вакцинира и да им пружи здравствена заштита тука“, нагласи претседателот.

На изјавата на Филипче, исто така брзо реагираше Пендаровски. Во соопштението од неговиот кабинет се вели дека „претседателот Стево Пендаровски во целост се согласува со изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче дека сликите од Србија изминатиот викенд се израз на солидарност, но, тоа е солидарност која државата Србија ја покажа кон десетина илјади наши граѓани.

Меѓутоа, тешко дека тие слики на наши граѓани кои бараат здравствена заштита во странство, откако не ја добија во сопствената земја, се за фалење.

Во однос на процесот на набавка на вакцини, претседателот Пендаровски е крајно зачуден што министерот Филипче свесно не го споменува фактот дека првичните контакти со најголемите фармацевтски компании, кон крајот на декември минатата година се направени преку Кабинетот на претседателот и од тогаш до денес претседателот Пендаровски е активно вклучен преку дипломатските канали во процесот за набавка на вакцините, што инаку е примарна надлежност токму на министерот за здравство“, се вели во реакцијата на кабинетот на Пендаровски.

Изненаден сум од изјавата на претседателот Пендаровски, сликите од Србија не се срам, тоа е одраз на солидарност во…

Posted by Венко Филипче on Tuesday, March 30, 2021