Филипче: Изборите ќе мора да се одржат со здравствен протокол


Фото: Б. Грданоски
– Кога и да се одржат изборите ќе мора да се изработи протокол за спроведување од Комисијата за заразни болести, за да се спречи можност за ширење на вирусот – рече министерот за здравство Венко Филипче.
Исто така, во меѓувреме изработени се протоколи за почеток на работа на повеќе економски оператори, со тоа што за дел од секторите се вратени одговори од фелата, а за другите се чекаат.
Министерот за здравство, Венко Филипче вели дека до крајот на неделата ќе бидат подготвени сите протоколи, со што од почетокот на идната недела сите ќе можат да се применуваат.
Одговарајќи на новинарско прашање, Филипче рече дека утре ќе се разговара со директорите на болниците и клиниките, за враќање во нормална функција, односно сите кои беа одложени да можат да бидат медицински третирани. Исто така, ќе се разговара и за повторната примена на „Мој термин“.
Филипче рече дека тоа нема да оди нагло, туку постепено, како ќе се ствараат услови за нормално функционирање на целиот здравствен систем.

-До крајот на неделава ќе бидат готови сите протоколи за функционирање на објектите. Нема сѐ и нема веднаш да започне со работа, но едно е сигурно – имаме ново свето тројство: носење маска, одржување дистанца и задолжителна дезинфекција на раце, рече министерот.

Следната недела ќе се знае и кога ќе се врати администрацијата на работа.   Министерот за здравство Венко Филипче информира дека до крајот на неделава Комисијата за заразни болести ќе одлучи како да се имплементираат мерките, а од следната недела тие ќе почнат постепено да се имплементираат.

-Мерката носење заштитна маска, доколку се почитува, може да дозволи постепено враќање и организација на работните единици, компании и администрацијата во функција. Треба да најдеме и соодветно решение за градинките. Оваа недела подготвуваме сѐ во рамки на активностите на Комисијата за заразни болести и веројатно од следната недела постепено ќе се имплементираат овие мерки и тоа дел по дел така како што ќе одредат експертите, изјави министерот Филипче.