Филипче: Испишана историја со првата трансплантација на срце


По прв пат во земјава се транслпантираше срце од починат донор и со тоа испишана е историја, смета министерот за здравство, Венко Филипче.

Тој вели дека ова го прави многу горд, и дека е чин на човекољубие, а се надева дека ова ќе биде добар пример за во иднина.

„Здравјето на граѓаните е на прво место“, рече Филипче на прес-конференција, и додаде дека тројца лекари ги обединиле знаењата за да се случи оваа интервенција.

„Еден чин, еден акт, една организација, предоперативна примена, оперативна интервенција, и постоперативен тек што сите нас овде не прави сите нас овде многу горди. Трансплантацијата немаше да биде можна без еден друг чин на човекољубие на алтруизам поради тоа што семејството Диневи пред неколку дена ја загубија својата сакана мајка и сопруга и после дијагностицирањето на мозочната смрт, се согласија да ги донираат срцето и бубрезите на починатата“, рече Филипче.

„Заврши еден од најтешките делови, се надеваме дека во процесот којшто следи организмот нема да го отфрли срцето и исто така и двата бубрези кај другите двајца рецишиенти кои сега ќе живеат многу поквалитетен живот и нема да одат на дијализа“ , рече Филипче.

Вчерашната интервенција, како што кажа, е многу битна и од еден друг аспект.

„За првпат се обединија знаењата, капацитетите, искуството и експетизата на тројцата наши врвни кардиохирурзи, проф. д-р Сашко Јовев од државната Клиника за кардиохирургија, академик Жан Митрев од Клиниката „Жан Митрев“ и проф. д-р Александар Николиќ од Клиниката Аџибадем Систина, којшто покажаа дека здравјето на граѓаните е на прво место, и етиката и хипократовата заклетва ги надминуваат сите разлики“, рече Филипче.

Професор доктор Сашко Јовев вели дека трансплантацијата била круна на кардиохирургијата.

Рече дека пациентот засега е добар и изрази надеж дека ќе остане добар.

„Овој зафат не само што претставува круна во кардиохирургијата во нашата земја, туку и претставува процес на заокружување на лекувањето на терминалната срцева слабост. Трансплатацијата на срце, иако најретко може да го добиеме, е можеби најдобар одговор“, изјави Јовев, кој изрази благодарност до семејството на донорот.

Јовев се надева дека ќе имаме што повеќе донори.

Доцент доктор Маја Мојсова вели дека ова немаше да биде успешно, доколку семејството не ги донирало органите.

„Нашиот закон е јасен. Сите сме донори доколку не се изјасниме во текот на животот дека не сме и тоа на писмено кај нотар. Но, во суштина сепак семејството го дава последниот збор и затоа многу во суштина треба да вложиме и во едукација, не само на медицинскиот кадар, туку и на граѓанството и општеството што значи органодарителство после смртта. Не значи дека секој од нас ќе биде дарител, но доколку нешто ни се случи и притоа завршиме како мозочна смрт и граѓаните да знаат за што ни се работи“, изјави Мојсова.

Нагласи дека нема подобра кампања од ова, кога лично и семејствата на тие што примаат и на тие што донираат би ја раскажале својата приказна.

Доктор Жан Митрев изјави дека ова беше неминовно и мораше да се случи. Се заблагодари на Филипче, затоа што ги сплотил, а целта е една, да се лекуваат пациентите. Вели дека сето ова е една голема, успешна приказна.

Васил Огњановски, синот на пациентот кому ноќеска му беше трансплантирано срце изрази големо сочуство до семејството на починатата жена од кое неговиот татко го доби срцето.

„Пред се едно големо сочуство и големо благодарам до фамилијата што со донирањето спасија три животи, од кој еден е животот на татко ми“, рече Огњановски.

Тој објасни дека им се јавиле пред два дена дека е најдено срце и дека ќе биде извршена првата ваква трансплантација кај нас.

„Операцијата се направи. Полека го будат. Очекувањата се големи. Еднаш докторите го спасија, го вратија меѓу живите, сега тоа го прават уште еднаш и едно многу големо благодарам за нив. Во државата имаме многу дорби доктори што ќе спасат милиони животи“, рече Васил, синот на пациентот кому му е трансплантирано срце.

Тој би сакал да се сретне со семејството на донаторката, но пред се,
како што кажа, би сакал прво да стивне нивната болка, па потоа да се запознаат, и тој и неговиот татко.

Инаку, Емилија Динева, на возраст од 43 години, од Дојран е жената која доживеала сообраќајна незгода, односно со мотоциклот удрила во бетонски столб, по што четири дена била во кома. Лекарите прогласиле мозочна смрт, по што дошле на идеја да се побараат органите за донација, а семејството одлучило да ги подари.

Динева е мајка на две деца, а неодамна станала и баба, кога нејзината ќерка го родила првото внуче.

Нејзините најблиски, на социјалните медиуми, споделуваат најдобри спомени за неа, а велат, и таа би била задоволна што спасила неколку животи.