Филипче: И салата „Борис Трајковски“ ќе се користи за вакцинација
Министерот за здравство Венко Филипче вели дека системот за вакцинација е поставен, а во очекување се да стигнат вакцини од Кина, како и позначителна количина од „спутник V“.
– Засега имаме потврда само за количина од руската „спутник V“, со која треба да се ревакцинираат здравствените работници. За другите вакцини сме во постојана комуникација со производителите. Течат разговорите со кинеските производители – рече Филипче во вестите на „Телма“.
Од претставници на компанијата и од Руската амбасада вчера добиена е потврда дека ќе стигне втората количина од вакцината „Спутник V“ и се очекуваат информации и за останатите количини од руската вакцина. Во завршна фаза е и договорот, а се однесува околу транспортот, за кинеските вакцини на „Синофарм“, а според последните информации од минатата недела, временската рамка за доаѓањето на вакцините на „АстраЗенека“ од Ковакс-механизмот е за две до три недели.
Тој појасни дека системот за вакцинација во здравствените домови низ земјава, ќе биде зајакнат со дополнителен капацитет. Имено, се планира спортската сала „Борис Трајковски“ во Скопје да се опреми со паравани и столици, за да може таму да се спроведува масовната вакцинација, во моментот кога ќе пристигнат вакцините.
Филипче се надева дека тоа ќе се случи на почетокот на април.