Филипче: Годинава две нови вакцини – Пневмококна и против Рота вирус


Фото: Б. Грданоски
Главните приоритети на Министерството за здравство годинава е комплетно осовременување на календарот за имунизација со воведување нови вакцини што заштитуваат од пневмокок и од рота вирус, причинители на тешки заболувања најчесто кај малите деца до петгодишна возраст, потенцираше министерот Филипче на денешната работилница „Перспективите и предизвиците во Имунизацијата“, во организација на Светската здравствена организација и семејна медицина.

Тој потенцираше дека имунизацијата е единствената мерка која заштитува од заразни заболувања, и дека заложбата за одржување силен колективен имунитет е јасна и недвосмислена.

– Новиот календар е комплетно усогласен со препораките на СЗО, во областа на имунизацијата.  Вакцините се произведуваат во опкружување и процес кој подлежи под многу контроли. Вакцинацијата е клучен приоритет и придобивка за јавното здравје и токму затоа активностите за промоција на имунизацијата продолжуваат во континуитет, рече Филипче.

Според него, потенцирана е потребата секој здравствен работник да го провери својот вакцинален статус и доколку нема комплена вакцинација тоа може да го направи во центрите за јавно здравје.

– Според последните податоци од Институтот за јавно здравје вкупниот број на вакцинирани деца на возраст до 14 години од почетокот на епидемијата со морбили изнесува 27.248. Од нив, 14.541 дете е вакцинирано во Скопје, додека пак 12,707 деца се вакцинирани во останатиот дел од државата. Инаку, вкупно досега со ова заболување се регистрирани 1.625 пациенти и според епидемиолозите ова е најголема бројка на заболени од морбили во последните 25 години. Никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак некој со своја волја има право да го загрозува правото детето да биде здраво, истакна Филипче.

Тој посочи дека вакцините што ги користиме во нашата држава се произведени во земјите членки на ЕУ, со два сертификати за квалитет, од производителот и од контролна лабораторија, но одобрени се и од Светската здравствена организација.

– Апелирам до родителите да ги вакцинираат своите деца, зашто само така ги штитиме и спречуваме епидемии од заразни болести. Од медицинскиот персонал досега се вакцинирани вкупно 1.246 здравствени работници. Само со стапка на вакцинација на над 95%, ќе обезбедиме колективен имунитет и ќе биде оневозможено ширењето на вирусот меѓу популацијата. Сите деца кои се невакцинирани за да се заштитат од можни компликации треба веднаш да се вакцинираат. Високиот опфат на вакцинација на соодветна возраст, создава колективен имунитет, рече Филипче.