Филипче го поддржува Мицкоски за средба со бугарскиот премиер
Претседателот на опозициската СДСМ Венко Филипче го поддржува премиерот Христијан Мицкоски дека час поскоро треба да побара средба со бугарскиот премиер Росен Жељасков за да се расчисти дали можат да се добијат некакви дополнителни гаранции во однос на ветото за преговорите со ЕУ.
„Еден од аргументите е дека нема политичка влада во Софија. Еве сега има и апсолутно го поддржувам премиерот да побара час поскоро средба со политичката влада и премиерот во Бугарија, за и тој дел конечно се расчисти. За да видиме дали можеме или не можеме да добиеме некакви дополнителни гаранции. Ќе го поддржиме, повторувам, кој било подобар предлог. Апсолутно, која било форма на дополнителни гаранции, меѓутоа нека се случи час поскоро, бидејќи времето поминува. Албанија и Црна Гора со крупни чекори одат напред“, изјави денеска на прес-конференција во седиштето на партијата Филипче.
Ние (претходните влади на СДСМ), кажа тој, направивме максимум што можеше.
„Сметам дека јасно е потврден идентитетот, македонскиот јазик – веќе потпишавме договор со ЕУ, но легитимно е Владата да бара дополнителни гаранции“, рече Филипче.
Според него, ВМРО-ДПМНЕ, ЗНАМ и „Вреди“дошле на власт со силна кампања, посебно ВМРО-ДПМНЕ напаѓајќи ги Договорот за добрососедство со Бугарија, заклучоците од францускиот предлог итн, потсетувајќи дека за ниту еден од овие документи за време на гласањето во Собранието не биле против.
„Правеа кампања, силна психоза и излегуваа од салата“, рече Филипче.