Филипче: Дополнително ќе се зголемат платите на лекарите специјалисти


Фото: Б. Грданоски

Во однос на одливот на кадри продолжуваме со нашите политики за инвестирање во човечкиот капитал после зголемувањето на платите и дежурствата на здравствените работници минатата и оваа година продолжуваме и натаму. Во овој момент се прават пресметки за тоа колкава сума на пари од централниот буџет треба да се одобри и да се зголемат дополнително платите на лекарите специјалисти, со цел согласно нашите ветувања следната година да стигнат до 100 илјади денари, истакна денеска министерот за здравство Венко Филипче.

– Не ги забораваме и медицински сестри и средниот персонал кој е составен дел во работата на сите јавни здравствени институции за зголемување и на нивните примања, додаде Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред почнувањето на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ.

Капитацијата на матичните лекари, пак, ќе се зголеми од 1 ноември со што значајно ќе им се излезе во пресрет за да ги надминат пред се финансиските проблеми кои во секојдневниот начин на работење им создаваат проблеми во пристапот што го обезбедуваат за пациентите и квалитетот на здравствена заштита, со оглед на тоа што оваа капитација не е променета како сума со години наназад, истакна Филипче.

Во врска со тоа колку ќе се зголеми капитацијата на матичните лекари рече дека точните калкулации ќе ги имаат во следните неколку месеци.

– Зголемувањето ќе биде значајно во смисла на тоа проблемите со кои тие се соочуваат многу полесно да ги надминат пред се во обезбедување средно медицински кадар за кој и сега одделуваат одредена сума пари, за да ја платат како дел од задолжителниот тим пропишан со законот, рече Филипче, одговарајќи на новинарско прашање пред почнувањето на 41. Пленарен состанок на здравствената мрежа на Југоисточна Европа за работната сила во здравството во регионот на ЈИЕ.