Филипче до Мизрахи: Има ли нешто позлобно од криење на вистината?


 

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ги презентираше извештаите кои биле доставени до анкетната комисија за Клиниката за онкологија, формирана по барање на ВМРО-ДПМНЕ и рече дека биле злупоптребени за политичка хајка против него. Филипче потенцираше дека овие извештаи биле редовно изработувани и  биле дел од документите од Министерството со што, според него, биле разобличени лагите на пратеничката Рашела Мизрахи и БМРО-ДПМНЕ кои тврдеа дека не постојат.

„Искрените и чесни луѓе вработени во Министерството за здравство, кои што знаат што сѐ сум направил за пациентите и за сите вработени генерално во здравствениот сектор, до мене ги пратија извештаите за коишто бев клеветен дека ги немало.  Јас  бев убеден дека такви извештаи има и сега сакам тоа да го покажам. Откако беа доставени до мене извештаите, јас ги доставив до Обвинителството“, рече Филипче.

Притоа Филипче  ги повика Рашела Мизрахи и тогашниот министер за здравство Фатмир Меџити да одговорат како и зошто овие извештаи биле криени.

„Дали е точно дека на барање на истражните органи, кои водат постапка за овој случај, овие извештаи не им биле доставени. Ги прашувам директно дали намерно се криеле извештаите  за да ме вовлечат и обвинат во скандалот? Има ли нешто позлобно од тоа да се прикрива вистината во еден грозоморен случај за политички поени и згора на сѐ да се кријат докази од истражните органи. Ова е скандал без преседан“, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче.

Тој  очекува да биде покрената истрага за тоа како и зошто досега овие извештаи биле криени.

„Мизрахи, од тогаш па до денес, тврди дека јас имам одговорност во тој случај. Да ја потсетам јавноста, обвинувањето беше дека како тогашен министер за здравство требало да водам сметка за тоа што биле обврски на Министерството за здравство кон Клиниката за оноколигија и обратно, а се однесува на редовните шестмесечни извештаи за работата на клиниката и стручните комисии. Сите извештаи добро и уредно пополнети и заверени беа доставени. Дури и во најтешките ковид времиња, кога имаше рестрикции во движиња ниту еден онколошки пациент, и тоа пациентите го знаат, не беше оставен без терапија, сето тоа било редовно соработувано во Министерството за здравство “, рече Филипче.