Филипче до Мицкоски: Ќе го поддржиме секој подобар предлог за ЕУ, почнете да работите!
Според СДСМ Македонија е заглавена во евроинтеграцијата, според Софија - Мицкоски провоцира место да води дијалог
![](https://nezavisen.mk/wp-content/uploads/2024/12/марта-кос-и-мицкоски.jpg)
Државата во овој момент е целосно заглавена, Владата не прави ништо за евроинтегративниот процес – оцени денес лидерот на СДСМ, Венко Филипче, практично изнесувајќи го ставот што деновиве се слуша и од преставници на меѓународната заедница.
„Дојдоа на власт со помпезна најава дека ќе ја сменат Преговарачката рамка. Ништо од тоа не се случува. Сега одат во насока на влошување на односите со соседите. Не гледаме никаква активност на министерот за надворешни работи, кој деновиве е во Австралија место да работи на ова прашање. Не знам што им е планот, идејата, но се надевам дека работат нешто зад кулисите“, изјави Филипче на прес конференција.
Тој уште еднаш и порача на власта дека ќе ја поддржат за секој предлог што ќе биде подобар од сегашниот со порака: „Ние направивме се, подобар предлог не можевме да добиеме“.
Тој притоа најави дека за две недели ќе го свикаат Националниот совет за евроинтеграција во Собранието и ќе ги поканат одговорните министри да реферираат што прават.
Место да го решава, премиерот Христијан Мицкоски вчера дополнително дотури иоган на спорот со Бугарија, со изјавата дека со 700-800 декларирани Бугари во македонија Софија бара да влезат во Уставоот, а не го бара истото од Албанија каде што 8.000 граѓани таму се изјаснија како Бугари на пописот. Таа изјава птредизвика бројни реакции од бугарскиот државен врв кој за првпат јавно призна дека промената ја бара не за тие 800 на пописиот туку за тие, според нив, 130.000 што земале бугарски пасош. Нема да биде првпат сепак бугарски и македонски политичари синхронизирано да ги влошуваат односите бидејќуи имаат корист од тоа Македонија да остане надвор од ЕУ.
Изјавата на Мицкоски лидерот на ГЕРБ, Бојко Борисов ја оцени како апсолутна провокација.
„Зборовите на македонскиот премиер Христијан Мицкоски се апсолутна провокација. Не треба да им се обрнува внимание. Тие можат да го прават тоа“ – рече Борисов.
Борисов додаде дека бугарското Министерство за надворешни работи соодветно одговорило на провокацијата.
Лидерот на Има таков народ, Слави Трифонов, порача дека „сите оние, предводени од Мицкоски, преку криви макарони ќе ја видат Европската Унија“.
Бугарското МНР изрази длабоко разочарување од изјавата на Мицкоски.
„МНР на Бугарија го изразува своето длабоко разочарување и категорично ги осудува последните изјави на премиерот на РСМ, Христијан Мицкоски. Тие изјави не само што ја искривуваат реалноста, но и ги рушат напорите за изградба на добрососедски односи и европска интеграција.
Сакаме да подвлечеме дека прашањето за правата на Бугарите во Република Северна Македонија не е билатерален спор помеѓу нашите две држави, туку е прашање кои ги засега основните европски вредности и стандарди. Напредок во процесот за европската интеграција на РСМ е возможен само преку целосно спроведување на европскиот консензус договорен и прифатен од Советот на ЕУ во 2022 година, во кој важен дел се измените во Уставот на РСМ.
Почитувањето на правата на малцинствата и гаранциите за нивната рамноправност се фундаментални принципи на ЕУ. Во овој контекст РС Македонија како земја кандидат за влез во ЕУ носи одговорност да го усогласи своето законодавство и практика во согласност со тие принципи.
Исто така би сакале да обратиме внимание на фактот дека огромен број граѓани на РС Македонија добиле бугарско државјанство признавајќи го своето бугарско потекло и идентитет. Ги повикуваме властите во РС Македонија да се воздржуваат од реторика која наметнува поделби и омраза. Наместо тоа да се фокусираат врз спроведувањето на критериумите за членство во ЕУ, вклучително почитувањето на правата на сите етнички заедници во земјата. Само преку искрен дијалог и взаемно почитување можеме да постигнеме одржлив развој и просперитет за нашите народи во рамките на обединета Европа“, порачува бугарското МНР.