Филипче до медиумите: Вие сте на висината на задачата


Министерот за здравство Венко Филипче денеска по повод Меѓународниот ден на слободата на медиумите упати благодарност до новинарите и медиумските работници за нивниот влог во справувањето со борбата со Ковид 19.

– Од првиот ден кога, како земја, се соочивме со вирусот кој го промени животот на милиони луѓе ширум светот, бевме уверени дека само точна, навремена и транспарентна комуникација може да придонесе во сузбивање на стравот и паниката кај граѓаните и подигнување на јавната свест. Паралелно со справување со пандемијата, светот се бори и со дезинформации и лажни вести, кои во вакви услови можат да бидат поопасни и од самата пандемија. Од друга страна, точните информации и известувањето базирано на факти се лек за човештвото и единствен начин да се добијат големите битки. Во едно вака комплексно опкружување, вие медиумите и медиумските работници сте повеќе од спрега помеѓу институциите и јавноста. Вие сте партнер кој рамо до рамо со институциите имате важна улога во справување со кризата. Одговоривте професионално на предизвикот и покажавте дека сте на висина на задачата и за тоа сум ви искрено благодарен, пишува Филипче во честитката.

Нагласува дека отворени институции, слобода на медиумите, фер и транспарентно известување е кодексот кој треба да се следи во криза, но и во мирнодобски услови.

Само така, вели Филипче, потврдуваме дека сме посветени на демократските вредности и дека водиме грижа за еден од основните столбови на демократијата.