Филипче: Дел од заболените се поради семејни собирања

Фото: Б. Грданоски

Граѓаните се собираат, се групираат, па дел од денешните регистрирани случаи се поради такви собирања, соопшти министерот за здравство Венко Филипче.

Тој повика да нема такви семејни прослави и собирања за да се застане на патот на вируст.

– Едноставно нема да можеме да се бориме како здравствени работници ако не се почитуваат мерките од страна на граѓаните. Знам дека има граѓани кои се придржуваат на мерките, но ги замолувам сите други да не се групираат и да не се собираат – рече Филипче.

Еден таков случај е од Чаир, каде имале семеен собир и сите се разболеле, а слични случаи според Филипче има и во Тетото и Тетовско. Но, министерот вели дека не е тоа нешто неочекувано и дека нема кластери кои не можат да се следат.

Тој рече дека сите студии покажуваат дека ќе има втор бран.

– Ние се консултираме и со Светската здравствена организција, а и со други институции. Се подготвуваме институционално, ќе ги опремиме сите интензивни одделенија со апарати, за подготвени да го дочекаме вториот бран на есен – рече Филипче.

Ќе се опремат сите одделенија за интензивна нега со модерна опрема, кревети, респиратори, дигитални рендген апарати, ехо-апарати и се друго што е потребно за да се пружи соодветна здравствена заштита.

– Покажавме што значи да се работи во интерес на граѓаните и како одговорно и навреме се делува во случај на криза, покажавме дека умееме одлично да се носиме со големите предизвици и кризи и тоа уште подобро ќе го правиме кога и да го имаме пред нас повторно предизвикот за заштита на јавното здравје и граѓаните, додаде Филипче.