Филипче: Децата и лицата кои прележале КОВИД-19, засега, нема да се вакцинираат


Засега не се препорачува вакцинирање на деца, а се смета дека и луѓето кои што го прележале КОВИД-19 и имаат антитела, се доволно заштитени и не треба да бидат во групата за вакцинација.

Ова денес го истакна министерот за здравство, Венко Филипче, одговарајќи на новинарски прашања на прес конференцијата на која беа објавени новите рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници.

Тој додаде дека ова го вели со резерва, со оглед на тоа што постојано пристигнуваат нови информации и се прават анализи во врска со вакцините и антителата кај оние кои ја прележале болеста, така што е можно во периодот што следува да има измена во овие ставови.

„Тука се поставува и едно друго прашање, дали ќе има некакви сертификати за вакцинираните. Тоа е едно прашање кое што го следиме и за кое што интензивно комуницираме со Светската здравствена организација. Можно е да се бараат при патувања, од авио компании, на граници и тн. Така што, за сега овие се ставовите, но можно е да има и нови препораки“, рече министерот Филипче.