Филипче: Брзо се пополнуваат болниците, дополнителни рестрикции нема


Фото: Б. Грданоски

До денеска во Македонија од Ковид-19 заболеа 36.372 лица, информира министерот за здравство Венко Филипче, кој забележа дека есенскиот бран дополнително ги зголеми бројките и го стави здравствениот систем на тест.

Сепак, по разговорите со комисијата за заштита од заразни болести, нема да има дополнителни рестрикции, но Филипче апелира да се почитуваат мерките и да не се излегува непотребно од дома.

Процентот на лица на кои им треба хоспитализација е седум, но со оглед на потребата од болничко лекување, во болница има 890 пациенти, соопшти Филипче.

– Брзо се пополнуваат болниците па го активиравме планот за дополнителни одделенија. Функционира Центарот за белодробни болести каде уште има капацитети за пациенти, но гледајќи го напливот се активираше планот за интерните клиники, со гастро, дијализа, нефрологија, а следно се активираат очните клиники. Системот „Мој термин“ и понатаму функционира, секако, и продолжуваме да сместуваме пациенти во оваа зграда на интерни клиники. Лекарите и сестрите се на располагање – рече Филипче.

По однос на тоа што од клиниката за неврологија реагираа дека немаат услови за згрижување пациенти со Ковид-19, Филипче рече дека разговарале со директорот и изнашле начин да се стави во употреба.

Дополнителниот број кревети е околу 150 и околу 100-тина на клиниките на оториноларингологија, а и во „8 Септември“ може да се зголеми бројот на кревети за сместување болни.

– Голем е притисокот на службите за итна помош – рече Филипче. Појасни дека очекуваат донација од Кина, како и уште една донација на три возила, па смета дека тие ќе бидат доволно.

Есенскиот бран освен во болниците го зголеми притисокот и кон пунктовите.

– Минатата недела веќе го зголемивме капацитетот со 400-500 тестови. Сега ги вклучуваме и брзите тестови кои ќе се прават во пунктовите во Здравствениот дом и во болниците. Дополнителни шест пункта ќе работат во Скопје, односно дополнителни 500 термини ќе бидат на рапсолагање само во Скопје – рече Филипче.

Информира дека стигнаа сите вакцини за грип. За време на викендот ќе се дистрибуираат, а вакцинацијата ќе почне во вторник.