Филипче: Болницата во Кавадарци има спремно ковид-одделение ако затреба

Болницата во Кавадарци има спремно одделение ако е потребно да третира пациенти заболени од ковид-19, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој заедно со лидерот на СДСМ Зоран Заев вчера ја посетија болницата.
„Болницата во Кавадарци е пример за одговорно работење. Во изминатите три години комплетно е сменета сликата на оваа установа. Набавена е нова опрема, зголемени се платите на сите здравствени работници и значително е подобрена инфаструктурата. Целосно е реновирано педијатриското одделение, зголемен е бројот на лекари специјалисти, од темел е реновиран запуштен дел од болницата и пренаменет во идно интернистичко одделение за жени и има најсовремена медицинска опрема“, објави Филипче на својот официјален фејсбук профил.
На Инфективната клиника во изминативе 48 часа примени се 6 пациенти, вкупно се хоспитализирани 84 пациенти, на кислородна поддршка се 53 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација. Во болницата во Козле се хоспитализирани 37 возрасни пациенти позитивни на ковид-19 и 5 деца позитивни и суспектни на вирусот. Во „8 Септември“ примени се 16 нови, вкупно хоспитализирани се 120 пациенти, на респираторна машина се 6 пациенти.
Во болницата во Битола се хоспитализирани 36, а во болницата во Штип 42 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп и Гостивар се хоспитализирани 95 пациенти – позитивни и сомнителни на Ковид-19.