Остри рекации на Османи и Филипче за Струга, бараат истрага и одговорност

Вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи, и министерот за здравство, Венко Филипче, во остри реакции вечерва побараа одговорност и истрага кој дозволил и допуштил за време на вонредната состојба масовен црковен собир во Струга.

„Во градот каде што смртноста од вирусот е 20 отсто од бројот на заразените, ова е највисоко ниво на неодговорност. Сега ниту една мерка нема смисла. Ќе има одговорност!“, напиша Османи на Фејсбук.

Филипче резигнирано, исто така, на Фејсбук, напиша дека овој собир е директен удар на целиот херојски напор на здравствените работници да се изборат со корона вирусот „Сцените кои ги гледам денес од Струга се крајно разочарувачки за мене. Ги толкувам единствено како целосно непочитување на здравствените работници и сите кои деноноќно работат за да ја надминеме кризата. Од почетокот постојано повторувам дека без поддршка од граѓаните, здравствените работници не можат да направат ништо. Буквално ништо. Ако сакаме да го задржиме овој позитивен тренд мора ги почитуваме мерките без исклучок. Исто така, барам да се спроведе истрага како се дозволило да се случи ваков вид на собир кој е строго забранет. Апелирам до граѓаните да се воздржат од какви било собири за конечно да почнеме да го враќаме животот во нормала“, напиша Филипче.

Процесијата во Струга беше литија со чесните мошти на светиот великомаченик Георгиј.  Литијата ја предводеше митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј, кој одржа литургија и во струшкиот храм „Свети Георгиј Победоносец“. И литургијата во храмот беше во присуство на голем број верници кои не одржуваа растојание.

Одржувањето на литијата беше најавено на 4 мај на официјалната страна на Бигорскиот манастир. Во соопштението се вели дека годинава поради пандемијата на Ковид-19 на неа ќе учествуваат само свештени лица, но не и граѓаните. Очигледно беше дека свештениците беа само мал број од неколкуте стотици присутни.

Вечерва, свештенството при храмот Св. Георгиј, организатор на традиционалната  литија што се одржа денеска во Струга, а по која уследија реакции за непридржување на верниците до мерите за заштита од вирусот Ковид-19, соопшти дека црквата неколку дена претходно и пред самиот настан гласно повикала на придржување на мерките дадени од државните власти и потенцира дека нема никаков простор за обвинување.

„Со цел да не згасне оваа древна културна манифестација во Струга, која, патем, е дел од значајното културно наследство на Македонија, заштитено со закон, а во исто време да се испочитуваат и профилактичките мерки донесени од страна на Владата, во соопштението од Црквата по повод овој настан, објавено на 4 мај, и проследено од страна на голем број медиуми, беше сосема јасно укажано дека верниците треба да се придржуваат на превентивните мерки на државните и здравствените власти“, стои во соопштението.

Исто така, дополнуваат, надлежниот епархиски митрополит г. Тимотеј Дебарско-кичевски, во својата јавна проповед пред почетокот на литијата нагласил дека поради ограничувања од страна на државните и здравствените институции, не е дозволено  групирање во голем број, и затоа Литијата ќе се направи со помал број на луѓе, „односно со оние кое се предвидени во смисла на Литијата што треба да се организира, а другите ќе ги замолиме да останат тука и да почекаат…“

Освен тоа, укажува свештенството во соопштението, во насока на почитување на мерките на заштита и превенција, богослужбата беше отслужена во дворот на струшкиот храм, наместо во неговата внатрешност.

„Повеќе од јасно е дека Црквата, и неколку дена претходно, а и пред самиот настан, гласно повика на придржување на мерките дадени од државните власти и тука нема никаков простор за обвинување. Испраќаме апел и до политичките партии и сите општествени чинители да не ги користат активностите на Црквата за наведување на граѓаните да не ги почитуваат мерките. Мерките на Владата се за наше добро, да ги почитуваме за да се заштитиме“, порачуваат од Свештенството при храмот Св. Георгиј.

Претходно СДСМ побара оставка од техничкиот министер за внатрешни работи, Наќе Чулев, поради настанот во Струга и чадната бомба во Скопје на прославата на Денот на полицијата.