Филипче: Ако се исполнат болничките капацитети, следува карантин


Доколку се исполнат болничките капацитети со пациенти, во тој случај ќе биде предложен карантин, рече министерот за здравство Венко Филипче, во вестите на Канал 5.

Тој појасни дека болничките капацитети забрзано се исполнуваат, па за прв пат и одделението во Кавадарци се користи за згрижување пациенти со Ковид-19.

Меѓу болниците во Прилеп и Битола се менаџира, а и другите болници се исполнуваат.

Според Филипче, на располагање се модуларните болници, а ко се наполнат и тие, тогаш ќе мора да се воведе карантин, смета Филипче.

Инаку, денеска, според ковид-билтенот, во болница се 464 пациенти.

На Инфективната клиника во изминативе 24 часа примени се 11 пациенти.  Вкупно се хоспитализирани 99 пациенти. На кислородна поддршка се 67 пациенти, нема пациенти на механичка вентилација.

Во болницата во Козле нема хоспитализирани деца позитивни на Ковид-19. Хоспитализирани се четири мајки позитивни на ковид-19, три деца и една мајка суспектни на вирусот.

Во ГОБ „8 Септември“ има шест приеми, а вкупно хоспитализирани се 49 пациенти. На респиратор се четири пациенти.

Во болницата во Битола се хоспитализирани 43, а во болницата во Штип се 55 пациенти. На инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица, Струга и Кочани се хоспитализирани 210, позитивни и сомнителни на Ковид-19.