Филипче: Ако овој пакет мерки не даде резултат, следува полициски час


Фото: Б. Грданоски

Комисијата за заразни болести на Владата ќе ѝ предложи сите економски оператори да имаат крај на работното време во 23 часот односно, еден час пред полноќ сè ќе мора да биде затворено.

Покрај оваа мерка, Владата ќе предложи и 50 отсто намалување на капацитетите во јавниот превоз, како и задолжително носење маски на отворено.

Поради зголемувањето на бројот на новозаразени минатите недели, капацитетите во болниците во Струмица, Куманово, Штип и Прилеп се веќе исполнети, а отворено е уште едно крило во болницата во Битола. Забрзано се полнат кацитетите и во болницата во Гостивар.

„Ситуацијата е навистина сериозна, следен чекор би бил полициски час. Да смогнеме сили сите да го избегнеме сето ова“, порача Филипче.

За да се донесат новите мерки за заштита од Ковид-19, треба да се донесат законски измени, а тоа ќе почне утре.

Министерот за здравство Венко Филипче, смета дека измените би се донеле за неколку дена, со оглед на тоа што потребно е просто мнозинство од 61 пратеник да гласаат за измените. Потоа, Владата ќе може да носи мерки, кои нема да мора повторно да поминуваат на Собрание, појасни Филипче.

Тој рече дека, ако овие мерки не се почитуваат и не ги дадат посакуваните резултати, следна мерка е полициски час.

-Уште веднаш да кажам дека се разгледува заедно со економските министри начин како да им се излезе во пресрет и да им се помогне финансиски. Но секој еден таков угостителски објект, економски оператор кај што може да има групирање сакаме да не функционира. Значи, суштината на континуираното, и надвор и внатре носење на маски со ограничување на сите можности коишто може да ги предвидиме, а имаме искуство од периодот во кој порано препорачувавме мерки за време на вонредната ситуација, сакаме тоа да го спречиме, неносењето маски и групирањето, појасни Филипче, одговарајќи на новинарско прашање во денешната изјава пре Владата.

Тој нагласи дека и досега имаше многу мерки, многу препораки, и оти никогаш немаше проблем таму кај што мерките се почитуваа.

-Секогаш нови и нови пациенти дијагностицирани и мини кластери имаше на местата каде што имаше протоколи и препорачани мерки, а тие за жал не се почитуваа. Искрено верувам дека веќе се граѓаните свесни. Еве, имаат увид, даваме отворени информации секојдневно за капацитетите на болниците, ова е последниот чекор пред воведување на полициски час, рече министерот за здравство.

Со законските измени кои се предлагаат тој напомна дека значајно се мултиплицира бројот на луѓе преку ангажирањето на повеќе инспекторати коишто може да прават и контрола и да спроведат санкција ако мерките не се почитува. Со препораката, пак, за намалување на бројот на вработени на затворено во државната и јавната администрација секој којшто не мора согласно распоредот на раководителите на сите институции може да работи од дома или во систем на смени и во систем на ротации и сето тоа, како што вели, очекуваат дека значајно ќе го намали и притисокот кон јавниот превоз.