Филипче: Ако има втор бран од септември, пак ќе се затвораат градинки

Фото: Б. Грданоски

Ако во септември или есенските месеци има втор бран на зараза од корона вирус, апсолутно е можно да се затворат градинките и училиштата.

– Ако се случи ова, како што предупредува цело време Светската здравствена организација, повторно ќе се воведат рестриктивни мерки, секако ќе се затворат и градинки и училишта – рече Филипче во гостувањето на „Топ тема“.

Сепак, и покрај инсистирањето да каже бројка, што значи зголемување на бројот на заразени, или кој е тој процент што ќе пресуди за повторно да се вратат рестриктивните мерки, по укинувањето на полицискиот час и препораката луѓето да се вратат на работа од 1 јуни, Филипче не прецизира ниту број, ниту процент.

Рече дека тоа се пресметува различно во различни земји, а и ситуацијата сега е поразлична затоа што здравствените работници знаат со што се соочуваат и која патологија може да ја очекуваат, а попатно се зајакнале и здравствените капацитети, па рестриктивни мерки нема да се воведуваат како сега.

Инсистира на тоа да се почитуваат препораките за лична заштита, како носење маски, дезинфицирање на рацете, како и држење дистанца.