Филипче: 600 вработени во Ресен ќе седат дома 10-14 дена


Во Ресен по 19-те дијагностицирани лица, (до денеска 25), од кои првите лица потекуваат од семејна веселба, во следните 10-14 дена околу 600 вработени во фирми договорено е да не одат на работа, соопшти министерот за здравство, Венко Филипче.
Ова било договорено во координација со локалниот Кризен штаб и работодавците.
Во Штип пак, од седумте конфекции кои беа затворени, три работат со 50 отсто од вработените, една целосно, една со 60 отсто од вработените, а другите треба да почнат наскоро, соопшти Филипче.
Тој апелираше дека ако не се придржуваме кон мерките за сузбивање на заразата таа нема да згасне.
Во последните 24 часа беа направени 841 тестирања и забележани 103 нови случаи, рече министерот, но додаде дека и во сите земји во регионот се забележани нови случаи и зголемени бројки.
–  Разговарав со министрите за здравство од Албанија и Бугарија и укажуваат на зголемување на случаите, па ги координираме мерките – рече Филипче.
– Разговаравме за причините за смртност на пациентите. Огромен процент се пациенти со претходни заболувања. Согласно податоците од историјата на болеста, огромен процент од починатите од корона вирус се пациенти кои имаат претходни хронични заболувања. Според денешната статистика, од 193 починати лица, најголем дел се на возраст над 60 години, а кај 76 отсто се регистрирани бројни коморбидитети, како што се хронични болести, болести на кардиоваскуларниот систем, белите дробови и шеќерна болест- рече Филипче.
Тој рече дека капацитетите на болниците се пополнуваат, но дека состојбата не е алармантна, па така на Инфективната клиника има 95 пациенти, 37 на кислородна поддршка, а нема на механичка вентилација.
– Монтажната болница е целосно подготвена и спремна за лекување пациенти со Ковид-19. Во изминатите денови ги засиливме со кадар двете главни болници Инфективна клиника со пет лекари, вкупно 27 медицински сесрти од Јасново, Кочани, Кавадарци и Кичево. И во „8 Септември“ има нови шест доктори од други болници, 20 медицински сестри.  За време на овој период болницата функционира како ковид центар, а повремено се извршуваат и други интервенции – рече Филипче.
Министерот информираше и дека еден хирург во болницата во Битола има симптоми, па се преземаат сите мерки за заштита на медицинскиот персонал.