Филип Рикер му правеше интервју на Бујар Османи
Поранешниот американски амбасадор во Скопје и висок функционер во Стејт департментот, Фили Рикер, се најде во нова улога – да прави интервјуа како директор на програмата „Глобална Европа“ во Вилсон центарот. Рикер неодамна ја напушти службата во Стејт департментот и исто така е дел од Олбрајт стоунбриџ групата.
Во интервјутот со македонскиот министер за надворешни работи, Бујар Османи, Рикер разговараше за предизвиците на претседавањето на Македонија со ОБСЕ, успешната приказна на државата во новата меѓународна позиција, регионалните предизвици и улогата на САД во ОБСЕ.
Османи, како што информира МНР, се осврна на приоритетот број еден на претседателството: Организацијата покажа отпорност и покрај тешката состојба во која се наоѓа. „Една земја учесничка блокираше две мисии во Украина. Но, ние не седевме со вкрстени раце, туку најдовме креативна формула за да се вратиме во Украина, да им помогнеме на Украинците, на украинскиот народ и на институциите на Украинците.
Она што сакавме да го направиме за време на нашето претседавање, е како да го однесеме ОБСЕ поблиску до обичните луѓе. Дипломатијата не е само дипломати кои седат на маса и разговараат за јавните политики, туку тоа е и секојдневна работа со луѓе на терен“, рече Османи.
На прашањето на Рикер, за важноста на улогата на САД во ОБСЕ, Османи одговори дека ова било едно од прашањата што се дискутирале во Вашингтон, но и пред еден месец кога ги презентирал приоритетите на Македонија пред Хелсиншкиот комитет.
„Се вратив во Скопје уште посигурен за иднината на организацијата, со уверение дека САД се таму и ќе продолжат да имаат важна улога во ОБСЕ. Значи, ова носи доверба кај сите нас, во континентот и во организацијата. Работиме многу тесно во Виена, како и во Скопје и Вашингтон, со заедничка цел како можеме да ја водиме агендата на ОБСЕ напред“, истакна Османи.
Тој зборуваше и за напредокот на Северна Македонија, ставајќи го акцентот на успешната приказна на функционалната мултиетничка демократија, културата на дијалог, добрососедските односи, истакнувајќи дека во секој успех на нашата држава има печат на Вашингтон, Брисел, ОБСЕ и другите организација.