Филхармонија со концерт „Поле за игра“ и настап на казахстанската виолинистка Мусахоџаева


Оркестарот на Филхармонијата вечер ќе одржи концерт насловен „Поле за игра“ на кој како солист ќе настапи виолинистката Ајман Мусахоџаева од Казахстан. Диригент е Сашо Татарчевски, а на програмата се концертот за виолина и оркестар од Менделсон и Симфонијата број 96 „Чудо“ од Хајдн.

Виолинистката Мусахоџаева, како што информираат од Филхармонијата, е на листата на исклучителни музичари на 20 -тиот век, која ја направи енциклопедијата на Универзитетот во Кембриџ, а од биографскиот центар на овој угледен универзитет таа ја доби и титулата „Интернационален уметник за 2003 година“. Мусахоџаева е и „Уметник на мирот“ на УНЕСКО, а наградена е од претседателот на Италија и од Ватикан за своите уметнички достигнувања.

Соработувала со музичари како Миша Мајски, Бруно Канино, Виктор Третјаков, Владимир Спиваков и многу други. Зад себе има неколку ЦД-а, меѓу кои и за „Дојче грамофон“ со пијанистот Павел Гиљов, и со Виенската филхармонија. Како солистка настапувала со Виенската филхармонија, Ројал симфони оркестра, Синфонико ди Рома, Националниот симфониски оркестар на Русија, Европскиот симфониски оркестар и други ансамбли под диригентската палка на Владимир Федосејев, Валери Гергиев, Владимир Ашкенази, Михаил Плетнев, Пол Коган, Владимир Пиаваков, Михаил Јуровски, Фуат Мансуров и други.

Таа свири на виолина „Страдивариус“ од 1732 година.