Филхармонија ќе ги донира парите од „Гајрет“ за настраданите во земјотресот во Турција


Лубнан Баалбаки од Бејрут е најмладиот редовен диригент во Либанскиот филхармониски оркестар

Парите од продадените билети за концертот „Гајрет“ кој ќе се одржи в четврток со солисти од Македонија, Турција и Либан , ќе бидат донирани како помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес во Турција, објави Филхармонија.

Овој четврток (9 февруари), оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Гајрет“ на кој како солисти ќе настапат македонската перкусионистка Мојца Седеу и гостите од Турција – Бурџу Карадаг (неи) и Ајкут Коселерли (перкусии). Диригент е Лубнан Баалбаки, а на програмата се Концерт во два става за солист на удиралки и оркестар од Љубомир Бранѓолица, Концертот за неи и оркестар „Хезафрен“ оп 39 од Фазил Сај и Симфонија бр. 8 од Антонин Дворжак.

Бројот на загинати во големиот земјотрес што ги погоди Турција и Сирија денеска се искачи над 5.000, покажаа официјалните податоци, а спасувачките тимови се уште трагаат по преживеани под урнатините.