Филхармонија ја отвора новата концертна сезона, за старт Малер

По пауза од шест месеци поради коронавирусот, Филхармонија вечер, во 20 часот, ќе ја почне новата концертна сезона со концерт симболично насловен „Звук на два метри“. Публиката ќе може да го слушне ремек-делото за два гласа и оркестар „Песни за земјата“ од Густав Малер. Како солисти ќе настапат Корби Велч – тенор (САД) и Хajке Веселс – мецосопран (Германија), а диригент ќе биде Габриел Бебешелеа од Романија, кој во следните две години ќе ја извршува функцијата шеф-диригент на Филхармонија.

Концертот ќе се одвива според протоколите одобрени од Комисијата за заразни болести. Капацитетот на салата ќе биде искористен само 30 отсто. Ќе има строги критериуми за публиката, која ќе седи на дистанца. При влез ќе се држи дистанца, ќе се мери телесна температура. Се препорачува публиката да не се групира и да не се задржува во холот и во самото гледалиште, со конкретни дистанци кои се препорачуваат од СЗО и од надлежните во земјава. Публиката, како што велат од Филхармонија, би била со маски. Музичарите кои ќе свират исто така ќе бидат распоредени согласно параметрите кои ги налага Комисијата за заразни болести.

Американскиот тенор Корби Велч студирал пеење на Универзитетот во Минесота. На светската музичка сцена е активен како пејач во вокално инструментални дела како „Миса Солемнис“ на Бетовен, „Кредо“ на Пендерци, „Пасиите…“ на Ј.С.Бах, Моцартовиот „Реквием“… Велч се етаблира на светската музичка сцена како еден од новите драмски тенори со исклучителна музичка експресија. Велч беше солист во германската опера во Дизелдорф од 2003 до 2018 година, каде имаше исклучителна можност да го прошири својот репертоар. Првите години пееше главни улоги во лирскиот репертоар како Белмонте, Тамино, Дон Отавио, а потоа и како Принцот во „Русалка“, Матео во „Арабела“ и насловната улога во операта „Питер Грајмс“.

Германската мецосопранистка Хајке Веселс студирала на Универзитетот за уметности во Есен и на Националниот конзерваториум во Стразбург. Студиите ги комплетира со мастер класови кај Бригит Фасбиндер, Томас Хампсон и Дејм Гвинет Џонс. Во 2006 година ја добива наградата за најдобар млад изведувач на Вагнер на интернационалниот натпревар во Венеција. Како солистка настапувала на оперските сцени во Грац, Дортмунд, Виена, Франкфурт, Баден-Баден, Париз… Како концертен солист Веселс настапува на различни сцена под диригентската палка на Фридеман Лејер, Бертранд де Били, Филил Џордан, Џон Фјоре, Габриел Бебешелеа…

Mаестро Габриел Бебешелеа има репутација дека со исклучителна музикалност и ентузијазам ги предводи оркестрите. На 30-годишна возраст Бебешелеа беше етикетиран како еден од најталентираните диригенти во последната декада во Романија. Добитник е на повеќе награди, меѓу кои првата награда на натпреварот за диригенти „Ловро фон Матачиќ“ во Загреб (2015), прва награда на натпреварот на Музичката младина во Букурешт (2011). Забележлив е и како оперски диригент и е именуван за шеф-диригент на Романската национална опера во 2011 година, со што ќе стане најмладиот шеф-диригент кога било во Романија. Во 2014 година ќе ја добие наградата „Најдобар диригент“ на оваа куќа. Во 2015 година, Бебешелеа работел со едни од двајцата најценети диригенти во светот – Курт Мазур и Бернард Хаитинк.

Од 2011 година тој е главен диригент на Молдавскиот национален младински оркестар, а редовно работи и со Романскиот младински оркестар. Дипломира оркестарско диригирање во 2010 година на Музичката академија во Клуж-Напока, две години подоцна магистрира на Националниот музички универзитет во Букурешт, а потоа и докторира на истиот универзитет. Моментно живее во Виена, каде што ги заврши постдипломските студии на Универзитетот за музика и изведувачки уметности.