Филхармонии и солисти од Македонија, Грција и Бугарија ќе ја изведат „Кармина Бурана“ во Софија


Во сала 1 на НДК под диригентство на маестро Најден Тодоров ќе биде изведена сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, информираат од Софиската филхармонија. Според нив, овој концерт е симбол на културната соработка во регионот.

На 17 февруари на концертот ќе учествуваат и Филхармонијата на Република Северна Македонија и Државниот симфониски оркестар од Солун, Грција, како и Националниот филхармонски хор.

Солисти се сопранистката Ана Дурловски (Република Северна Македонија), тенорот Николас Спанос (Грција) и баритонот Иво Јорданов (Бугарија).

„Кармина Бурана“ е едно од најголемите музички дела што се претвори во „бестселер“ на 20 век. Со своето извонредно влијание врз слушателите, „Кармина Бурана“ ги освои срцата на генерации. Композиторот Карл Орф го создаде ова иконично дело, инспирирано од средновековната поетска антологија Codex Buranus. Премиерата во 1937 година во Германија предизвика сензација и го означи почетокот на светскиот триумф на кантатата, велат од Софиската филхармонија.

„Кармина Бурана“ во себе обединува антички текстови, волшебни мелодии и моќни ритми. Вклучувајќи хор, солисти, богата оркестрација и сценско дејство, делото раскажува за кревкоста на човечката судбина, за радостите на пролетта, за бурните љубовни страсти и за задоволствата на животот. Еден од највпечатливите делови е O Fortuna, кој стана музички симбол во целиот свет. (MИА, БТА)