ФИФА и УЕФА ја исфрлија Русија од сите натпреварувања


Светската и Европската фудбалска федерација, ФИФА и УЕФА, ги суспендираа сите руски екипи и репрезентации од нивните натпреварувања. Оваа одлука ја донесоа највисоките тела на двете федерации, Советот на ФИФА и Извршниот комитет на УЕФА.

„По првичните одлуки кои ги усвојува Советот на Светската фудбалска федерација (ФИФА) и Извршниот комитет на Европската фудбалска федерација (УЕФА), а кои предвидуваа дополнителни мерки, ФИФА и УЕФА денеска заедно одлучија на сите руски екипи, клупски или репрезентативни да ги суспендираат. Фудбалот е обединет и е полн со солидарност со сите погодени луѓе во Украина. Двајцата претседатели се надеваат дека ситуацијата во Украина брзо ќе се поправи“, објави ФИФА.

Суспензијата доаѓа само неколку часа откако Меѓународниот олимписки комитет (ИОК) им препорача на сите спортски федерации и организатори на спортски настани, да ги суспендираат руските и белоруските спортисти поради воената инвазија на Русија врз Украина.

Претходно, УЕФА го суспендира единствениот преостанат руски тим во натпреварувањата под капата на европската куќа на фудбалот, Спартак Москва. Рускиот тим е исфрлен од Лигата на Европа и неговиот противник Лајпциг автоматски обезбеди пласман во четвртфиналето.