Фицо бесен: Ги нема С-300, отидоа „патриотите“, ги нема и Италијанците…


Премиерот Роберт Фицо

Словачкиот премиер Роберт Фицо најави дека Италија планира да го повлече својот систем за противвоздушна одбрана од Словачка.

Станува збор за систем кој минатата година привремено беше префрлен во Словачка, со цел да го замени американскиот систем за воздушна одбрана „патриот“.

Фицо изјави дека ја добил пораката од италијанската влада во врска со повлекувањето на системите за противвоздушна одбрана, кои беа позајмени пред една година, бидејќи Италија смета дека тие треба да бидат на друго место.

Во тој контекст, Фицо го постави прашањето – кој ќе ги штити нуклеарните централи и другите стратешки цели во Словачка.

„Прво, претходната влада ѝ донираше на Украина функционален масивен руски ракетен одбранбен систем С-300. Потоа имавме американски системи „патриот“ овде некое време, но тие заминаа, а сега ќе заминат и Италијанците“, рече тој.

Aktuality.sk забележува дека во Словачка, 145 италијански војници со системот за воздушна одбрана SAMP/T mamba оперираат во воената база Малачки-Кучина како дел од напредното присуство на силите на Северноатлантската алијанса.