„Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија кредитниот рејтинг на земјава

Кредитните агенции „Фич“ и „Стандард и Пурс“ го потврдија уште еднаш кредитниот рејтинг на Македонија. „Фич“ ја оценува земјава со ББ+, но сега со негативен изглед поради глобалната пандемија, додека „Стандард и Пурс“ со ББ- со стабилен изглед, соопшти Министерството за финансии.

И двете кредитни агенции, како резултат на Ковид-19 кризата и проекциите за забавување на глобалната економија, предвидуваат контракција на економскиот резултат во 2020 година и закрепнување, односно раст во 2021 година, со тоа што „Фич“ проектира  минус 4,2 отсто за 2020 и 5,1 отсто раст во 2021, додека „Стандард и Пурс“  минус 5 отсто во 2020 и 3,8 отсто во 2021 година, ссе вели во соопштението.

Кредитните агенции ги нотираат мерките кои се преземени од страна на Владата насочени кон зачувување на работните места, поддршка за најпогодените индустрии, како и меки регулаторни мерки. Како што се наведува и во двата извештаја мерките ќе придонесат за зголемување на буџетскиот дефицит и ќе влијаат на зголемување на државниот долг кој според проценките на кредитните агенции ќе се приближи до 50 отсто. Заедно со закрепнувањето на економијата се предвидува и намалување и стабилизирање на буџетскиот дефицит.

Кредитните агенции го оценуваат банкарскиот сектор како стабилен, исто како и домашната валута која има фиксен курс со еврото.

И двете агенции како позитивно го оценуваат зеленото светло од Европската унија за почеток на преговори што заедно со спроведувањето на реформи може значително да придонесе за развој на економијата, соопшти Министерството за финансии.