Фиат привремено го сопре производството во Србија поради вирусот во Кина


Компанијата „Фиат Крајслер“ соопшти дека привремено ќе го прекине производството во Србија поради нарушување на снабдувањето во Кина, јавија светските агенции.

Ројтерс извести дека причината за ваквиот потег е „достапноста на одредени компоненти произведени во Кина“. Компанијата соопшти дека производството ќе го продолжи кон крајот на месецот.

„Аутомотив њус Јуроп“, повикувајќи се на агенцијата Блумберг, пишува дека до привремениот прекин дошло поради недостиг на аудио системи и други електронски делови кои делумно се набавуваат од Кина.

Фабриката во Крагуевац лани произвела 40.000 возила што е една четвртина од вкупниот нејзин капацитет. Белградскиот весник „Данас“ неодамна извести за намерата на производителот на автомобили да го запре производството во фабриката.

Компанијата на 6 февруари соопшти дека можеби ќе треба привремено да ја затвори фабриката во рок од две до четири недели доколку влијанието на корона вирусот во Кина создаде проблеми со снабдувањето за производствената линија.

Ова е прва фабрика во Европа која го запрела производството поради вирусот во Кина.