„Фиат Крајслер“ и „Пежо“ нема да делат дивиденда за 2019 година

Управните одбори на автомобилските компании „Фиат Крајслер Автомобили“ и „Пежо“ донесоа одлуки да не ја исплаќаат редовната дивиденда на своите акционери за 2019 година, поради падот на побарувачката за нивните автомобили предизвикана од пандемијата од Ковид-19, соопштија двата производители.

Здравствената криза ја турна глобалната автомобилска индустрија во најдлабоката бездна од финансиската криза 2008/09 година.

Побарувачката на клиентите за возила драматично опадна како резултат на вонредните мерки на пандемијата што ги воведоа владите ширум Европа и САД.

Двете компании, исто така, потврдија дека подготовките за нивно спојување напредуваат, кога станува збор за текот на постапките пропишани со антимонополските и други прописи, пренесуваат британските медиуми.