ФХ3Х во третата сезона на Star Trek Discovery

По успешната соработка на првите две сезони од серијата Star Trek Discovery, македонската компанија за анимација и визуелни ефекти ФХ3Х ја заврши работата на третата сезона, во која беше ангажирана од четвртата до 13-та епизода.

Третата сезона на оваа популарна американска серија го следи екипажот на USS Discovery во авантури во иднината, скоро еден милениум по настаните во оригиналната серија. Оваа сезона е во продукција на CBS Television Studios и започна со премиерно прикажување на CBS на 15 октомври 2020, а ќе се прикажува нова епизода секоја недела до 7 јануари 2021 година. Во октомври оваа година беше најавена и четврта сезона.

Овој проект ФХ3Х  веќе три сезони го потпишува како одговорна за визуелните ефекти, а годинава на одјавната шпица, покрај ФХ3Х и Канадскиот филмски фонд за поддршка, се појавува и Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, за продукциската поддршка. Ова е прв пат Агенцијата за филм да се потпише на проект од највисоката А продукција и самото појавување ќе привлече, според ФХ3Х, многу внимание во Холивудските продукциски компании.

-Оваа сезона на „Star Trek Discovery“ е прва серија која речиси целосно се прави со визуелни ефекти, а чија пост-продукција се работеше во услови на светска пандемија. При тоа, уште од самиот почеток во ФХ3Х, благодарејќи на нашиот ИТ тим, успешно беше аплициран системот за даличинско работење кој ги задоволува високите стандарди барани од Холивудскте продукции. Со ова нашите вработени можеа да работат од дома без да се изложуваат на дополнителни ризици, наведуваат од компанијата.

 

Миливоје Ѓорѓевиќ, ко-основач на ФХ3Х посочи дека вообичаено, визуелните ефекти за една епизода се изработуваат за 10 месеци, но заради пандемијата работата траеше подолго, особено што заради прекинот на снимањата некои кадри беа комплетно изработувани компјутерски, за да се исполнат барањата на продукцијата.

Netflix ги има правата за емитување на серијата во 188 земји и фановите веќе имаа можност да ги погледнат првите девет епизоди, додека 10-та е објавена денеска.  На Netflix во Македонија се емитуваше денеска во 9 часот изутрина.