Фетаи потврди дека останува во ВЛЕН

Zаменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи, кој е дел од коалицијата „Влен“, придружуван од поранешниот министер за информатичко општество и администрацијана Азир Алиу на денешната прес-конференција официјално соопшти дека тој останува дел од Владата.
– Не дозволуваме волјата на членството и гласот на граѓанинот да бидат шверцувани. Продолжуваме да работиме таму каде што се носат одлуки и каде што се прават промените. Затоа што веруваме дека нашата земја има потреба од стабилност, развој, одговорно владеење и од Алијанса која нема да ja предаде довербата добиена од граѓаните. Ние не сме тука поради лични интереси. Ние сме тука поради одговорност – за да ги претвориме ветувањата во конкретни резултати. А тоа не можеме да го направиме ако ја напуштиме битката на половина пат. Ќе продолжиме како рамноправен партнер во коалицијата „Влен“, со иста професионалност и посветеност – служејќи им на нашите граѓани со чест и решителност. Алијансата за Албанците ќе продолжи да гради, а не да руши. Тука сме за да обединиме, а не да делиме. Ќе ја одржиме дадената доверба (беса) – да бидеме вашиот глас во институциите, во секое маало и село, и во секоја битка за правда и еднаквост, рече Фетаи.
Во однос на одржувањето на вонредното Собрание на Алијансата за Албанците од крилото на Арбен Таравари во петокот во Куманово каде беше разрешен Фетаи, тој нагласи дека тој процес се одржувал нелигитимно оти тој како претседател на Собранието не добил покана за свикување на седница на тоа тело.
– Ние не водиме битка. Самите бројки што тие ги кажаа докажуваат дека немаат 2/3 мнозинство за да го свикаат тоа вонредно Собрание кое, според Статутот на партијата, мораше да помине преку мене. Поканата за тоа Собрание требаше да помине преку мене како претседател на Собранието. Не видов покана, не ми беше испратена покана, ниту пак видов потписи од 2/3 од членовите на Собранието, како што бара Статутот. Тоа не беше ниту Собрание. Тоа беше циркус, на кој за жал се навикнавме да го гледаме од нашиот претседател веќе со недели. Имам многу едноставна порака за мојот претседател,Арбен Таравари, јас куферите ги земав за да дојдам од Белгија, и не мрдам од овде, ќе останеме, ќе ја водиме битката што ја ветивме, за која како коалиција ВРЕДИ добивме 170 илјади гласа. Ним им посакуваме да се освестат, да не продолжат со оваа Артанизација, а доближувањето до ДУИ за жал ги води кон таа Артанизација, рече Фетаи.
Фетаи потенцира дека Ахмети и Таравари сакаат да предизвикуваат политичка криза за земјата да ја доведат до предвремени парламентарни избори.
– Целиот овој пазар што го направи претседателот Таравари со Али Ахмети, го направи за моќ и политички опстанок. Тие пресметале дека со саботирање на Коалицијата „Влен“ првин на ниво на пратениците и потоа и на владината коалиција, ќе предизвикаат политичка криза што ќе ја доведе земјата до предвремени парламентарни избори. Овој план не им успеа. Нема двојни избори. Ќе има локални избори со два многу јасни блока, посочи Фетаи.
Фетаи нагласи дека денешната Влада е постабилна од кога било, посветена на реформите и решена за интеграција. Како што посочи, Алијансата за Албанците има клучна улога во овој процес и нема да се откажат од таа мисија.
На новинарско прашање дали тие стануваат трето крило на Алијансата за Албанците, Азир Алиу нагласи дека тие ќе продолжат да бидат како организирана структура на „Влен“.
– Ние ќе продолжиме таму каде што бевме. Ние продолжуваме во „Влен“ како организирана структура во „Влен“. Вие ги гледате луѓето тука. Дел од луѓето кои одлучија да не бидат дел од Владата и да одат заедно со ДУИ во опозиција, бидејќи реално опозицијата е полесна за недавање отчет и секогаш пред избори да бидеме опозиција за да биде полесно после барање на бројки. Ние одлучивме да бидеме отчетни, да работиме и да бидеме во линија со тоа што го имаме и како програма и како заложба како партија, рече тој.