Фетаи не добил покана за лидерска средба од СДСМ

Заменик претседателот на Владата задолжен за добро владеење Арбен Фетаи кој е дел од коалицијата „Влен“ на денешната прес-конференција рече дека нема добиено покана за лидерска средба од лидерот на СДСМ Венко Филипче, но дека доколку има дојде таква покана дека ќе ја разгледаат.
– Средбите на лидерско ниво се традиција во нашата земја. Се случија за време на владеењето на Груевски, за време на владеењето на Заев и за време на владеењето на Ковачевски. Уште една средба се одржа и за време на оваа владеење. Јас лично сè уште не сум добил покана. Доколку има таква покана, треба да ја разгледаме. Но, јас го гледам ова на ниво на рамки на нормалата за креирање политики во нашата земја. Албанските партии се состануваат на ниво на лидери кои соработуваат едни со други. Истото го прават и македонските партии. Ќе видиме, рече Фетаи.
Лидерот на СДСМ, Венко Филипче вчера најави дека веќе во понеделник на собранискиот Национален совет за евроинтеграции ќе даде конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што, според него, јасни се пораките од ЕУ.
– Веќе во понеделник ќе дадам конкретен предлог за што треба лидерите на најголемите политички партии да разговараат, затоа што јасни се пораките од ЕУ. Додека чекаме и не правиме ништо е губење време. Младите тоа го гледаат единствено како стимул за иселување. Никој повеќе од младите генерации нема да ја гледа иднината тука во Македонија ако ние не го откочиме тој евроинтегративен пат, заеднички да работиме на унапредување во многу сфери што ќе го направи животот и подобар и поквалитетен, рече лидерот на СДСМ.