Фестивалот „Браќа Манаки“ ќе се одбележи со централен настан во Битола на 19 септември

Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ оваа година нема да се одржи во својата реална форма, но ќе биде одбележан со еден централен настан во Битола, кој ќе се одржи на 19 септември во Пациото на битолскиот Завод и музеј.

Основен мотив на оваа одлука на УО на ДФРМ, е зачувување на здравјето на публиката, гостите и филмските работници во непредвидливата ситуација со пандемијата и негативниот ефект наметнат во сите сегменти од животот, објаснуаат организаторите.

На настанот ќе се обратат покровителот на фестивалот, претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, градоначалничката на општина Битола, Наташа Петровска, амбасадорката на САД, Кејт Мари Брнз, претседателот на ДФРМ, Игор Иванов и Гена Теодосиевска, директорка на фестивалот.

-За време на овој настан ќе има и обраќање на добитникот на „Златната камера 300 за животен опус“ Јануш Камински преку видео врска, а целиот настан ќе се пренесува во живо на Првиот програмски сервис на МТВ, и на ФБ профилот на фестивалот, информираат од ИФФК „Браќа Манаки“.

На режисерот Столе Попов ќе му биде врачена наградата што ја доделува ДФРМ „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.

Видеообраќање до фестивалот се очекува да има и новиот Претседател на Меѓународната асоцијација на кинематограферите (ИМАГО), Кејс Ван Острум.

На настанот ќе биде прикажано и видео за новото кино „Манаки“ во Битола.

На централниот настан за одбележување на 41. издание на ИФФК „Браќа Манаки“ се очекува да присуствуваат и неколку амбасадори, филмски работници и дејци од културниот живот на земјата.

-На овој настан нема да има повеќе од 80 гости, кои ќе треба да ги почитуваат сите мерки и протоколи за однесување на присуство на манифестација на отворено, донесени од Владата на Република Северна Македонија. Ќе располагаме со маски, ракавици, средства за дезинфекција и ќе ја почитуваме пропишаната дистанцата. Пред влегување на секој од гостите ќе му биде измерена температура и сите оние кои ќе имаат зголемена телесна температура (над 37 Ц) нема да може да присуствуваат на настанот, велат од ИФФК „Браќа Манаки“.

Влегувањето на гостите ќе се одвива од 17.45 часот до 18.30 часот кога и би почнал директниот пренос, кој ќе трае до 19.30 часот.