Фестивал на улична храна и музика во паркот „Авионче“

Во паркот „Авионче“ од 5 до 8 септември ќе се одржи првиот фестивал на улична храна во Општина Аеродром (AERO Street Food Festival), при што ќе биде понудено уникатно гастрономско и музичко доживување за сите генерации.
Фестивалот се очекува да обедини 12 познати брендови за храна (Jojo’s BBQ, Oljo’s, Fat Kitchen, Sorelle Focaccia, Lora’s Sushi, Bistro 64, 15 за 12, Milkey, Destan, Smash Burger, La Pizza и Ноа Гирадико) со богата понуда од четири различни кујни: А – американска, Е – европска, Р – регионална и О – ориентална. Посетителите ќе имаат можност да дегустираат специјалитети од уличната гастрономија, но и автентични традиционални јадења, проследени со богат избор на пијалоци.
Покрај храната, фестивалот секоја вечер од 17.30 до 00.30 часот ќе нуди музичка програма со настапи на врвни изведувачи (Рингтонс, Southpark, Breakdown band, Goce SAF, DJ Aleksandar Jordanov, DJ Marko, DJ Micov, DJ Shime, DJ Mono, DJ Foodieman, DJ Guardian и DJ Fico).
Програмата ќе биде збогатена и со интерактивни активности за публиката како натпревари во брзо јадење, квизови, трки и други забавни предизвици со награди, што ќе го направи фестивалот атрактивен за младите и семејствата.
„Првиот фестивал на улична храна во нашата општина е одлична можност да се афирмира урбаната култура и заедништвото преку храната, музиката и позитивната енергија. Убеден сум дека паркот „Авионче“ во септември ќе биде новото омилено место на жителите и посетителите на Аеродром“, изјави в.д. градоначалникот на Општина Аеродром, Дејан Митески.
Фестивалот во срцето на Аеродром се организира со поддршка од Општината, а влезот за сите посетители е бесплатен.