Фестивал на современ грчки филм и култура од 24 до 28 октомври во Скопје


Шест долгометражни грчки играни и документарни филмови и ексклузивен концерт на грчки бенд, ќе бидат прикажани на второто издание на Фестивалот на современ грчки филм и култура ,што ќе се одржи од 24 до 28 октомври годинава во Скопје.

Фестивалот е официјално поддржан од Амбасадата на Грција во Скопје, а програмата е создадена од грчките филмски автори Димитрис Захос и Христос Каракепелис.

Како што истакна Небојша Јовановиќ, продуцент и организатор на манифестацијата, на денешната прес-конференција во Скопје, фестивалот има мисија да поттикне поблиска комуникација меѓу двете општества кои недоволно се познаваат меѓу себе.

– Филмовите ја отсликуваат грчката продукција во последната декада. Сите се тематски разнолики, но сепак доминираат теми кои реферираат на актуелната стварност во Грција, особено во однос на економската криза што го зафати грчкото општество последнава декада. Фестивалот се отвора со филмот „Витез“, црна комедија на повеќекратно наградуваната грчка режисерка со европска кариера Атина Цангари, која е една од предводниците на новиот грчки филмски бран, т.н. Чуден грчки бран, истакна Јовановиќ.

Во наредните денови, како што информира продуцентот, ќе бидат прикажани „Смак“ на Елијас Деметриу, „Следна станица: Утопија“ на Апостолос Каракасис, „Нејзина работа“ на Никос Лабот, „Неправеден свет“ на Филипос Цитос и „Поликсени“ на Дора Масклавану.

Тој истакна дека годинава иницијативата е проширена со вклучување и на музичката уметност, односно со ексклузивен концерт на еден од најпопуларните и најпосакувани грчки бендови.

– Покрај уникатната можност на едно место да се погледнат повеќе нови одбрани грчки филмови, ексклузивитет на настанот е концертот на познатиот грчки музичар и текстописец Фоивос Деливоријас, кој со својот бенд ќе изведе посебен перформанс пред скопската публика, нудејќи неповторлива изведба на филмска музика од познати грчки филмови. Станува збор за амблемски песни, кои се дел од Дасиновата „Фаедра“, „Ремпетико“ на Фери, Казановиот „Америка Америка“, „Јастог“ на Лантимос или од старите популарни грчки мјузикли и филмовите на Тео Ангелопулос, кои го водат слушателот на имагинарно патување во филмска индустрија, која патувала надвор од границите на Грција, вели Јовановиќ.

Константиност Прокакис, од грчката амбасада во земјава, на истата прес-конференција истакна дека целта на овој културен настан е зближувањето на двете земји и запознавањето со нивните културни сличности и разлики. Според него, ова е начин да се види како живеат луѓето во Грција, од другата страна на границата.

– Запознаен сум со фактот дека луѓето од Северна Македонија многу често одат на одмор во Грција, но сметам дека тоа е малку за овие две земји да се запознаат и здружат, бидејќи едно е кога туристички ја посетувате земјата, а друга е кога одблизу ќе го видите секојдневниот живот, обичаи и култура, истакна Прокакис.

Тој посочи дека овој филмски фестивал е добра можност за зближување и премостување на разликите меѓу двете земји. Истакна дека кинематографијата ја смета за едно цврсто и плодно тло кое би родило меѓусебно разбирање и запознавање на двата народа.